Археолошки истражувања на локалитетот “Чаир Рид” во неготинско Тремник

Археолошки се истражува на локалитетот „Чаир Рид” во неготинско Тремник. Директорката на неготинскиот музеј, Драгица Чекорова информираше за МИА дека проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на РСМ, според програмата за проекти од национален интерес за 2019 година, како и од локалната самоуправа на општина Неготино.

-Носител на проектот е општинската установа Музеј на град Неготино во соработка со Филозофски Факултет-Скопје, Институт за историја на уметноста и археологија. Со овогодишните истражувања раководат проф.д-р Марјан Јованов и проф.д-р Антонио Јакимовски, соопшти Чекорова.

Станува збор за сондажно археолошко истражување, кое има за цел да се добијат научни податоци за стратиграфијата и обемот на овој импозантен археолошки локалитет.

-Со овие истражувања засега се открија остатоци од живеење од бронзено време, железно време, предримскиот (класичен и хеленистички) период и од римскиот царски период. Пронајдени се остатоци од една градба од римскиот период, која навестува постоење на сакрален објект (храм), но за целосно дефинирање ќе бидат потребни идни пообемни истражувања, нагласи таа.

Откриените архитектонски остатоци на акрополата на археолошки локалитет Чаир Рид, додаде, укажуваат на постоење на урбана населба од хеленистичкиот период, за чие откривање исто така се потребни понатамошно пообемни истражувања.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *