Скопје и Атина очекуваат предлог од Нимиц на 17 јануари

Инцијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминувањето на разликите околу името, очекуваат владите во Скопје и во Атина од медијаторот Метју Нимиц на претстојната рунда разговори за на 17 јануари во Њујорк.

Шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, на вчерашната целодневна средба во Солун, изразија оптимизам дека решение е можно. Разговараа за методологијата, за пристапот на двете страни, како и за рамката на процесот за надминување на разликите околу името, јави дописникот на МИА од Атина.

Се согласија да имаат подиректна улога во разговорите со цел надминување на разликата околу името.

Унапредувањето на билатералните односи и соработката во поширок контекст, поврзано со тековните мерки за градење доверба, беа исто така во фокусот на  средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција.

Средбата Димитров-Коѕијас беше најавена од двете министерства во исто време, но не беа соопштувани локацијата, ниту времето, се до последен миг. 

Во меѓувреме, и покрај оптимистичките очекувања на шефот на дипломатијата Коѕијас и на премиерот Алексис Ципрас дека ќе се обезбеди владино единство за евентуалниот договор за името, помалиот коалициски партнер Независни Грци продолжува со јавно изнесување на ставот дека за нив терминот Македонија е неприфатлив во името на северниот сосед.

Македонија е една и грчка, неколку пати повтори претседателот на Независни Грци во обраќањето на Националниот совет на партијата. Панос Каменос, кој воедно е и министер за одбрана, како прифатливо решение го предложи името Вардарска, кое го изговори исто како што се изговара на македонски, и го спомена без никаква придавка или додавка.

– Да, посакуваме решение. Ќе направиме се за да ги убедиме. Но, постојат и словенски термини што може да ги користат и што ги прифаќаме, како што е Вардарска. И кое што во суштина е географска одредница што ја имаа пред да започнат историските пресврти, рече Каменос пред членовите на Националниот совет.

Пратеникот на Независни Грци, Костас Кацикис, пак, говорејќи за солунското радио Фокус, откри дека тој и неговите колеги од партијата, ќе бидат дел од протестите во Солун, за името, на 21 јануари.

Против најавените протестите во Солун се изјасни Грчката православна црква, иако не се согласува Македонија да биде содржано во името, бидејќи така ќе било составен дел и од називот на македонската црква.

– Не можеме да прифатиме друга црква да го носи името Македонија, освен митрополиите во Македонија кои припаѓаат на грчката автокефална црква. Ова е нашата загриженост и ова го доставивме до одговорните и надлежни власти, рече митрополитот Доротеос за ТВ Скај.

Ставот на ГПЦ наиде на остри критики од официјална Атина.

– Дали црквата чекори заедно со Златна зора? Ако не, пак, црквата да ни каже за кое име да преговараме со Скопје. Црквата се меша во дипломатски прашања, а не сака државата да се меша во црковните случаи, реагираше грчкото МНР по одлуката на Светиот синод на Грчката православна црква, дека не го прифаќа ниту терминот Македонија ниту било кој друг изведен збор во името на нашата земја.

Со т.н. црвени линии, вчера повторно се огласи и лидерот на најголемата опозициска партија Нова демократија Киријакос Мицотакис. Повтори дека името, неговата употребата и иредентизмот, се трите точки од националната „црвена линија“, поставена уште нво 2008 година во Букурешт. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *