Анѓушев: На ниту една наша компанија нема да и биде ускратено да го носи предзнакот македонски

На ниту една компанија од Северна Македонија нема да и биде ускратено да го носи предзнакот македонски, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев во интервју за Сител, осврнувајќи се на Договорот од Преспа во контекст на смената на власта во Грција и доаѓањето на Владата на Кирјакос Мицотакис на политичката сцена во јужниот сосед.

Еден од приоритетите за грчкото Министерство за надворешни работи во Владата на лидерот на Нова демократија е ограничување на негативните последици од Договорот од Преспа, а Анѓушев напомена дека Мицотакис веќе остварил контакт со премиерот Зоран Заев, кој бил мошне позитивен и тие јасно и прецизно кажале дека Договорот не може да се промени без согласност на двете страни.

Напомена дека во Договорот прашањето за брендот е јасно утврдено – секоја од државите може да го заштити својот бренд и секоја може да го користи предзнакот македонски.

-Ниту еден производ, кој доаѓа од кај нас не може да биде спречен да биде македонски, нагласи Анѓушев.

Потсети дека од Самитот на земјите од Берлинскиот Процес во Познањ, Северна Македонија добила грант од 40 милиони евра, кој, како што посочи е наменет за три проекти – автопатот Скопје – Блаце, гасоводот кон Грција и железничката станица Табановце  меѓу РСМ и Србија.

-Сите проекти се во фаза на проектирање, ни ги дадоа средства да ни овозможат откако ќе бидат проектирани подобро да пристапиме кон финансиските институции да можеме на тие средства да добиеме кредити за да можат овие проекти да бидат финансирани и имплементирани, рече Анѓушев.

Во врска со реконстуркцијата на Владата и наводните негови несогласувања со досегашниот министер за финансии Драган Тевдовски и можноста тој да влијаел  на неговата смена, Анѓушев рече дека одлуката за реконструкцијата ја донел исклучиво премиерот во консултација со коалициските партнери и оти тој никако не влијаел.

Вели со никого во Владата немал расправии и несогласувања, ниту со Тевдовски. Имало одредено разидувања во ставовите на пример за персоналниот данок и лимитот на персоналниот данок, се останато било во рамки на дневното работење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *