Николче Петковски, нов координатор на Сојузот на Ротари клубови

На почетокот на ротаријанската година, која започува на први јули, Сојузот на Ротари клубови на РСМ избра ново раководство. На местото на досегашниот координатор, Зоран Тодоров доаѓа Николче Петковски. Избрани се и нови координатори на Ротари клубовите во рамките на Сојузот.

На оваа годишна конференција, на Ангелка Пеева Лауренчиќ и беше доделено признанието – „Истакнат ротаријанец на годината 2018/2019“, за поттикнување на соработката во насока на реализирање на проекти од општествена одговорност и посебен придонес во промоцијата и примената на ротаријанството во земјата.

Ангелка Пеева Лауречниќ е член на Ротари клубот Скопје – Интернeшанал. Во рамки на активностите на клубот Пеева Лауренчиќ минатата година иницираше неколку проекти од јавен интерес, а беше иницијатор и координатор на Регионалната конференција на Сојузот на Ротари клубови на РСМ – „Националната економија во пресрет на ЕУ“, што се одржа во април оваа година во Скопје.

-Искрено верувам дека секој од нас може да преземе активности со што ќе поттикне повеќе луѓе да се здружат за една цел. Наша индивидуална обврска е да работиме за подобрување на општеството во кое живееме. Ротаријанскиот дух се темели токму на овие вредности. Почестена сум со ова признание кое ќе биде дополнителна мотивација за мене, уште повеќе да се ангажирам за исполнување на ротаријанската мисија, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ.

Годинешните клубски признанија и награди ги понесоа Ротари клуб Скопје Вест, за најголем број активности во една ротаријанска година и Ротари Клуб Широк Сокак од Битола за најдобар клуб на годината и тоа во скоро сите категории, а признанија добија и ротаракт и интеракт клубовите од истиот град.

-Убеден сум дека тоа што досега го постигнавме сите заедно е одлична основа за многу нови активности и успеси понатаму. Поддршката што ја имав од сите ротари клубови во рамките на Сојузот е од исклучителна важност за сѐ што постигнавме заедно. Убеден сум дека и оваа година ќе продолжиме со уште поголем ентузијазам. Да продолжиме да инспирираме“, истакна досегашниот координатор на Сојузот, Зоран Тодоров.

Повеќе од 110 години ротаријанците од целиот свет се ангажираат за промовирање на мирот, солидарноста и инспирирање на позитивни промени во местата каде делуваат, како теми кои се од глобално значење за човештвото. Активностите се спроведуваат преку 35.000 Ротари клубови ширум светот, од кои 20 клубови постојат во нашата земја. Сојузот на Ротари клубови на РСМ е во рамките на Дистриктот 1912, заедно со клубовите од Република Словенија.