Во Резолуцијата од ПССЕ барање за почитување на правото на македонското малцинство во Бугарија

Во Извештајот на мониторинг комисијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во рамки на пост-мониторинг дијалогот со Бугарија, за кој ќе се расправа  во четврток, германскиот парламентарeц Франк Швабе  од групата на социјалистите и унгарскиот Золт Немет од групата на Народните партии,  останаа на барањата за почитување на правото на, како што е наведено, непризнатото македонско малцинство во Бугарија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

-Македонското малцинство не е признаено како такво од бугарските власти поради строгата примена на формалните критериуми, иако оваа група повеќе пати ја изрази својата желба да ги има поволностите од заштитата со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата, стои во усвоената резолуција на ПССЕ.

Тоа,  сметаат известувачите, претставува  извор на загриженост за македонското малцинство. – Поради овие причини македонско малцинство нема претставник во Советот за малцинствата. Македонците немаат програма за етничките заедници и не добиваат државна помош за зачувување и развој на нивната култура и идентитет. Ниту македонски јазик, ниту историја не се учи во училиштата. Не е регистрирана ниту една македонска организација. Нашите соговорници сметаат дека припадниците на нивната заедница се дискриминирани, нагласуваат Швабе и Немет.

По дискусиите и аргументите на бугарските пратеници ништо не беше променето во предложената резолуција во делот за македонското малцинство, односно немаше ниту еден амандман по ова прашање во текстот.

– Говорот со расистичка омраза и нетрпеливост користен во политичките изјави насочени кон Ромите, муслиманите, Евреите, Турците и Македонците, сè уште претставуваат сериозен проблем во Бугарија, стои во Извештајот.

ПССЕ бара од бугарските власти да развијат значајни напори за да ги осудуваат систематски и безусловно говорите на омраза, во согласност со последниот извештај на Европската комисија против расизмот и нетрпеливоста за Бугарија. Проблемите со малцинствата беа и една од причините поради кои пост-мониторингот за Бугарија е продолжен за уште една година.

Во расправата која се водеше по извештајот и предложената резолуција, Красимир Богданов во името на европските конзервативци и претставник на ВМРО, која е дел од владината коалиција во Бугарија  се осврна на прашањето што го покренал во извештајот за говор на омраза против Македонците во Бугарија.  – Всушност, тоа едноставно е невозможно, бидејќи на семејно ниво скоро сите Бугари се блиски роднини на Македонците. Бугарија беше првата во светот која ја призна независноста на Република Северна Македонија и активно ја поддржуваше на патот на НАТО и на Европската унија, рече Богданов.

Според Милена Дамјанова  од ЕНП / ДХ, во однос на прашањето за препораката за правата на малцинствата Бугарија се придружува кон документите кои ги има ратификувано, како Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа.

– Советот на Европа не формулираше дефиниција за национално малцинство. Таквата дефиниција недостасува во конвенцијата. Ниту една таква дефиниција не се појавува во Уставот на Република Бугарија, која беше разгледана и одобрена од Советот на Европа кога пристапивме во Организацијата, рече Дамјанова и дополни дека широк спектар на етнички заедници, покрај бугарската, ги уживаат правата на Конвенцијата. Сега, вели, да се отвори Пандорината кутија и да се бара од Бугарија да препознае одредени малцинства и да не признава други, ќе доведе до конфликт. Тоа не е ниту соодветно, ниту цел на која се стремиме.

– Тврдењето дека има говор на омраза против Македонците во нашата земја се граничи со апсурдност. Бугарија го поддржа и продолжува да го поддржува пристапувањето на Република Северна Македонија во НАТО и во Европската унија, рече Дамјанова.

Повеќе членови на ПССЕ останаа на позициите кои беа претставени во извештајот и резолуцијата на Швабе и Золт.

– Третманот на малцинствата, кој е предмет на говор на омраза, против Евреите, муслиманите, Ромите и Турците, се прашања кои треба да се решат, бидејќи тие спаѓаат под трите клучни прашања на Советот на Европа: демократија, владеење на правото и почитување на човековите права. Тоа е фундаментално, смета Јокин Билдарат од АЛДЕ и портпарол на групата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *