Поддршка од Светска банка за одржливите фискални и економски политики

Поддршка за одржливите фискални и економски политики доби Владата од извршниот директор на Светска банка Кун Дејвидсе, кој денеска се сретна со премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски.

Владината прес-служба соопшти дека на средбата било констатирано оти направените крупни политички чекори во државата, на долг рок го отвориле патот за стабилизација, а со тоа и за одржлив економски развој.

Заеднички била нагласена важноста на Стратегијата за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка, со чија поддршка се реализираат проекти во патната инфраструктура, енергетиката и комуналната инфраструктура. Притоа, е истакната потребата за одржување на потребната динамика на активности, со цел заокружување на проектите во предвидените рокови.

– Граѓаните веќе ги чувствуваат економските бенефити од донесените политички одлуки. Сите економски параметри се во нагорна линија, растот на БДП-то, рекордниот износ на странски инвестиции на домашно и на регионално ниво. Работиме напорно овие трендови да продолжат и да имаме уште поголеми резултати до крајот на годината, за 2019 година да биде и економска година, освен година на интеграциите. Заокружување на НАТО интеграциите, како и почетокот на преговорите со ЕУ, по надминувањето на политичката криза, реформските чекори и затворањето на прашањата со соседите отвораат големи перспективи за државата и за граѓаните. Продуктивноста е добра, фокусирани сме на зајакнување на сервисните капацитети на институциите со цел зголемување на економските резултати и она што е најважно, тие да допрат уште повеќе до граѓаните и квалитетот на живот, истакнал Заев на средбата со извршниот директор на Светска банка.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *