Прво одбележување на патрониот празник Спасовден во новата црква во тетовски Јелошник

За прв пат по изградбата патрониот празник го прослави црквата Вознесение Христово-Свети Спас во тетовското планинско село Јелошник. Празнична литургија одржи г.Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски.

-Вознесениот Господ благоволи по неколку месеци од осветувањето, оваа прва храмова слава на оваа црква, денеска на празникот посветен во спомен на Христовото вознесение на небесата – Спасовден, литургиски да ја прославиме заедно, овде во прекрасното село Јелошник. Денекас на празникот Спасовден, што секоја година го славиме на 40-тиот ден по Велигден, овој храм е исполнет со благодатна и вознесенска радост, истакна владиката пред верниците во црквата.

Во своето празнично обраќање владиката говореше за потребата од  вербата во Бог како начин на справување на потешкотиите со кои се соочува човекот на денешницата.

-Сите ние живееме во страв, а стравот раѓа неизвесност, параноичност, напади, кавги, отуѓувања и нервози. Дали сме се запрашале зошто е тоа така? Ако не сме се запрашале да се запрашаме? За жал одговорот на ова прашање лежи во нашето неверие во Божјото присуство, во нашето отстапништво од Бога и од Неговите свети заповеди. Бог никогаш не се откажал од нас и никогаш не не напушта како што не ги напуштил ниту светите апостоли, но ние сме тие што му вртиме грб на Бог, истакна г. Јосиф.

Црквата посветена на Вознесение Христово, во народот познато како Свети Спас, во тетовското село Јелошник, по 18 години поминати во градба, беше осветена на 23 септември 2018 година. Градбата започна 2000 година, но поради конфликтот од 2001 градењето беше запрено на неколку години. Црквата посветена на Вознесение Христово e соновидение на Блашко Србиновски, кој потекнува од Јелошник. Јелошник е село во општина Теарце, без постојани жители. Се наоѓа на надморска висина од 542 метри.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *