Шекеринска во Париз: Ги исполнивме барањата и критериумите, на ред е ЕУ да си го одржи зборот и да почнеме преговори

Северна Македонија ги исполни поголемиот дел од побарувањата во француската стратегија за Западен Балкан – одржува добрососедски односи, го зацврсти владеењето на правото, се движи кон целосна економска и политичка стабилизација и потребно е сега земјата да ги почне преговорите со Европската унија.

Ова го порача вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на конференцијата „Барајќи повеќе Европа! Повеќе демократија во Западниот Балкан за посилна Европска Унија“, што се одржува во Париз, во организација на фондацијата Жан Жоре.

 Шекеринска во посебна видео изјава што ќе се емитува на социјалните мрежи и на класични медиуми пред француската јавност ја искажа потребата нашата земја да ги почне преговорите со ЕУ и нагласи дека различноста меѓу народите во Унијата е предност а со интегрирањето на нашата земја ЕУ само ќе го официјализира партнерството кое постои на сите полиња.

Зборувајќи за чекорите кои земјата ги превзема во изминатите две години, Шекеринска порача дека земјата работеше напорно за да создаде силни аргументи за почетокот на пристапните преговори со ЕУ.

-Го решивме речиси 30-годишниот проблем со Грција околу името на мојата земја, а со тоа напишавме европска историја. Со овој договор и со договорот со Бугарија, ние станавме одличен пример за помирување и добрососедски односи во целиот регион. Северна Македонија е единствената балканска земја која нема отворени прашања со ниту една од соседите, рече министерката Шекеринска на форумот.

Министерката се осврна и на членството во НАТО – Алијансата при што истакна дека земјата ја доби поканата за членство, потпишан е пристапниот протокол и речиси половина од земјите – членки веќе го имаат ратификувано, а останатите предвидуваат брза ратификација на овој протокол. Министерката зборуваше и за домашните реформи и достигнувања.

-Ја консолидиравме демократијата и владеењето на правото. Влеговме во процес на трансформација во сите области, сите политики, јавната администрација и општеството. Европската комисија во својот извештај за Северна Македонија посочи дека земјата е во фаза на фундаментални промени во една инклузивна и отворена политичка атмосфера и дека конкретни резултати се видливи во сите клучни реформски области – правосудството, борбата против организираниот криминал, разузнавачките служби, истакна Шекеринска и додаде дека ЕК е јасна во својата препорака за почеток на преговорите за членство. Северна Македонија, потенцираше таа, е на конзистентен реформски пат.

Министерката Шекеринска во Париз се сретна со Марта де Сидрак, претседателка на Групата за пријателство со земјите од Балканот во Сенатот, со Бертран Сор, претседател на Групата за пријателство помеѓу Франција и Северна Македонија, како и со пратеничката Лилиан Тангли.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *