Во печалбарскиот крај од Болно до Стипона

Селата под Петринска Планина често се нарекувани „печалбарски регион“, бидејќи иселеничката голгота го зафатило овој дел на Преспа уште во почетокот на минатиот век. Македонскиот револуционер и поет, народниот херој на Македонија Димитар Богоевски – Мите е роден во овој регион – во селото Болно.

Големо е задоволството да се биде во селата кои се наоќаат во подножјето на Галичица, а и во цела Преспа, од каде може да се почувствува свеж воздух кој доаѓа од високата букова и дабова шума. Чистиот планински воздух може да се почувствува и секој може да ужива  на убавината на природата и контрастите што ги нуди тој дел на Преспа.

Селата под Петринска Планина често се нарекувани „печалбарски регион“, бидејќи иселеничката голгота го зафатило овој дел на Преспа уште во почетокот на минатиот век. Во селото се стигнува и пешачејќи до Ресен, по патот по кој жителите патувале со векови. На средината на овој пат на месноста викана ,,Плачи Горница“ се разделувале „талкачите по светот“,од своите најблисли и оделе на печалба. Денес од овие македонски простори има иселеници во САД, Канада, Австралија, Европската Унија и во многу градови во Македонија.

tyui2

Панорама на Болно

Селото Болно е едно од најпознатите и најубавите места во Преспа. Тоа се наоѓа на околу пет километри северно од Ресен во подножјето на Петринската Планина. Тоа е старо христијанско село во кое секогаш живееле православно Македонци. Болно има околу осумдесетина куќи од постаро и од поново време, со околу 240 жители.

Во атарот на Болно  постојат три цркви и еден манастир и тоа: селската црква „Свети Атанас“, изградена 1846 година, а обновена во 1988 година, „Света Тројца“ во која се преместени селските гробишта, „Свети Никола“ изградена во 14 век и манастирот „Св Наум Охридски“ изграден во 1965 година.

Мештаните пренесуваат предание дека името на Болно потекнува од времето на Самоил, кога на тоа место биле доведени делови од неговата ослепена војска на лечење, за која цел била основана болница во месноста Милошоец. По болните војници и нивниот стационар, прво локалитетот, а подоцна и селото, биле наречени Болно.

Болно е револуционерно село во Преспа. За слободата на татковината ги положија животите седум болнци, меѓу кои: Мите Богоевски, Илија Богоевски, Христо Герасовски, Борис Источки, Пере Источки, Христо Србиновски и Панде Црноевски. Во Болно пости спомен обележје во „Болнската Корија“ каде загинаа  Мите Богоевски и Стив Наумов, Спомен куќа посветена на поетската и револуционерна дејност на Мите Богоевски. Спомен – плоча посветена на загинатите борци од селото и Спомен – плоча посветена на раѓањето и делото на првоборецот Христо Герасовски – Бучко.

Од Болно има голем број иселеници во Канада и САД, меѓу кои, донаторот Крис Ник, Дорче и Блаже Таневски, Митко Наумовски, Владе Савевски, Кире Боримечковски и многу други.

Инаку, македонскиот револуционер и поет, народниот херој на Македонија Димитар Богоевски-Мите е роден во селото Болно на 31 октомври 1918 година, а погина на 12 септември 1942 година. Основно училиште завршува во родното место, а Трговска гимназија во Битола.  Поради слабата материјална положба ги прекинува студиите на Економскиот факултет во Белград и се враќа во родниот крај, во Преспа.

tyui3 tyui4

Стив Наумов                                                              Мите Богоевски

Поради својата револуционерна активност во 1940 година бил уапсен од српската полиција и затворен во Белград.  Поради недостиг на докази е пуштен. Во 1942 година е уапсен од бугарската полиција во Ресен На 12 септември 1942 година заедно со Стив Наумов,  откако бугарската окупаторска војска и полиција, ги опколила во Болно, во месноста Долец, во Болничката планина, Мите и Стив Наумов извршуваат самоубиство за да не паднат во рацете на окупаторските сили. По ослободувањето Богоевски е прогласен за народен херој.

Богоевски бил еден од најнадежните македонски поети. Тој зад себе оставил само неколку песни, меѓу кои „Спроти Илинден“ (1938), „Стојанка млада партизанка“, „Разделвачка“ (објавена во весникот „Наша реч“ во 1940 година) и „Триесет и девет минаја“. Песната „Триесет и девет минаја“ е напишана по повод влегувањето на одредот „Даме Груев“ во Смилево на Илинден 1942 година.

Средното економско училиште во Охрид (пред да се спои со гимназијата Св. Климент Охридски, го носи неговото име. Во дворот на училиштето сè уште стои бистата на овој народен херој, на која се положува цвеќе на позначајни празници поврзани со НОБ. Улицата пред училиштето исто така го носи името на Мите Богоевски.

Селото Евла е сместено во подножјето на Галичица на околу 5 км од Ресен. Во него постојано живееле Македонци, а денес има околу триесет домаќинства со околу стотина жители. Во атарот на селото постојат повеќе локалитети од археолошко значење. Во него има две цркви и еден манастир и тоа: „Света Богородица“ (Пречиста), „Свети Никола“, каде се селските гробишта и манастирот „Свети Спас“. На празникот Свети Спас кој секоја година се прославува на различен датум доаѓаат луѓе од цела Преспа.

tyui5

Манастирот „Света Недела“ во Стипона

Селото Горно Дупени е исто така оддалечено околу 5 км од Ресен. Тоа е старо македонско село со околу 25 домакинства и со шеесетина жители сите Македонци. Во селото постојат две цркви и тоа „Света  Тодорија“ која доминира со својата големина и градба, каде се наоѓаат селските гробишта и црквата „Свети  Атанас“. И ова село е револуционерно од кое во текот на Втората светска војна загинаа мештаните:Танас Георгиевски, Ѓорѓи Тасевски и Славе Цветковски.

Селото Петрино е сместено во ридовите на Петринска Планина на околу 1200 метри надморска височина. Тоа се памети како попатна станица на преспанци на нивниот пат за Охрид преку Галичица.

Во него имало две цркви, „Свети Ѓорѓи“, која се наоѓа во селото и е во урнатина и црквата „Свети Атанас“. Селото Петрино имало повеќе од стотина жители во периодот по Втората светска војна, а во 1988 година го напуштило и последниот жител.

И селото Стипона е сместено во пазувите на планината Галичица, во кое постојано живеле Македонци, кои во осумдесеттите години го напуштиле селото. Во него има три цркви и тоа; „Свети Ѓорѓи“, каде се и селските гробишта, „Света Петка“ и  манасторот „Света Недела, која  се наоѓа во атарот на селото Стипона , а е оддалечена околу два километри  од селото Лавци.

Интересно е да се спомене дека името на денешното село Стипона е најмногу поврзано со Климентовата дејност. Се претпоставува дека ова село е белег на на средновековниот град Ступион, односно Девол. Тоа се потврдува и со фактот дека целиот имот, полето и планината биле подарени на макастирот „Свети Наум“ кои и денес се сопственот на манастирот. Се претпоставува дека тоа го направил Свети Климент. Инаку, култот на Свети Климент и Свети Наум во Преспа е многу раширен, за што меѓу преспанското население најголема застапеност има името Наум.

Продолжува

B3
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “Во печалбарскиот крај од Болно до Стипона

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *