Дебата во Прилеп: Недостасуваат центри и установи за социјално згрижување, се очекуваат новини во социјалната сфера

Жителите на Прилеп и на Долнени добиваат основни, превентивни услуги од социјалната заштита, но недостасуваат центри и установи за згрижување на бездомници, деца на улица, жртви на семејно насилство и на трговија со луѓе, констатираат од „FINANCE THINK“ – Институт за економски истражувања и политики од Скопје. Институтот спроведе мониторинг во овие две општини за испораката на социјалните услуги за околу 100.000 жители. За ова денеска во Прилеп се одржа панел дебатата „Квалитетни социјални услуги во Прилеп и во Долнени: потреби и можности“.

Деспина Туманоска, програмски координатор во Институтот вели дека имаат препораки за Министерството за труд и социјална политика.

– Мониторингот покажа дека според Законот, на жителите на Прилеп и на Долнени на располагање им се голем број социјални услуги, поделени во три категории: социјална превенција, вонинституционална заштита и услуги што им се пружаат за институционална заштита. Меѓутоа, на теренот откривме некои слабости. Жителите на овие две општини во целост може да ги добијат услугите од социјална превенција преку Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Прилеп, но за институционална заштита постојат само три установи што нудат услуги, а тоа се: Дневниот центар за лица со посебни потреби „Ѕуница“, Дневниот центар за деца со церебрална парализа и Домот за стари лица. Тоа значи дека во Прилеп недостасуваат установи што би им пружиле социјални услуги на други ранливи категории лица, како што се лица – бездомници, деца од улица, жртви на семејно насилство, жртви на трговија со луѓе. Нашите препораки, пред се, до Министерството за труд и социјална политика се за отворање вакви центри со цел граѓаните од овие општини кои имаат потреба од институционална и вонинституционална социјална заштита да може да ги добијат на територијата на нивната општина, а не, како досега, да се препраќаат во другите општини. Инаку, во општина Долнени со околу 14.000 жители нема и детска градинка, објаснува Туманоска.

Талија Петреска од невладиниот Центар за граѓанска иницијатива потврдува дека е потребна грижа за жртвите од родово семејно насилство за што се работи три години на проект.

– Трета година работиме на жртви на родово базирано насилство на територијата на општина Долнени, а годинава и на територијата на Прилеп, со фокус на Роми и други маргинализирани групи. Вршиме едукации, давање правна, психолошка и секаква помош во соработка со приелепскиот Центар за социјални работи. Во моментов се изработува акционен план што ќе биде доставен до локалните самоуправи на усвојување и да почне да се работи активно, вели Петреска.

Живко Силјаноски, директор на прилепскиот Центар за социјални работи алармира: само за три месеци има 77 пријави на жртви, половина од бројката за цела година лани. Се надеваат на новините од пакетот социјални закони што се во собраниска процедура.

– Уште во првото тримесечие од годинава имаме бројка од 77 пријавени случаи на жртви од семејно насилство, што е загрижувачки, бидејќи лани цела година покренавме над 150 случаи од 300 пријавени. Очекуваме наскоро да се донесе новиот пакет закони за социјалните услуги, меѓу кои законот за социјална и законот за детска заштита според кои ќе ги смениме начините и формите на дејствување и се надевам дека одредени ситуации законот ќе ни ги допушти како можност да се справуваме со ситуациите како што треба, рече Силјаноски.

Игор Антевски од Министерството за труд и социјална политика нагласува дека Министерството е во процес на комплетна реформа на системот на закони на социјалната заштита.

– Ќе имаме комплетно нов закон за социјална заштита, измени дополнувања на законот за заштита на децата и нов закон за социјална сигурност на старите лица, или социјална пензија. Предлог-законите се во собраниска процедура. Ново е што ќе се зајакне улогата на локалните заедници, рече Антевски.

Она што ќе биде поразлично, продолжи тој, е зајакнатата улога на општините: на локалните самоуправи, на приватниот сектор, на здруженијата на граѓани. Министерството, како што рече, е во опсежна анализа во сите општини за да се видат потребите на граѓаните на локално ниво.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *