Црвен крст: Ранливото население има потреба од помош и поддршка

Црвениот крст на Македонија денеска го одбележува Светскиот ден на Црвениот крст  и Црвената полумесечина, со цел да инспирира и да ги промовира хуманитарните активности кои ги спроведува оваа организација и националните друштва, но и да укаже на потребата за помош и поддршка на ранливото население.

-Светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина е меѓународен ден посветен на намалување на страдањето на луѓето, зачувување на човековото достоинство, заштита на животот на луѓето, надминување на последиците од вонредни состојби и природни катастрофи како што се поплави, епидемии и земјотреси. Нашите принципи на кои се потсетуваме на овој ден се непристрасност, хуманост, неутралност, универзалност, независност, единство и волонтерска служба, рече претседателот на Црвениот крст на Република Македонија Ромел Велев.

Сакаме, рече тој, да го свртиме вниманието на јавноста на нашата основна цел, а тоа е, да го штитиме животот и добросостојбата на луѓето изложени на ризици и да го зачуваме достоинството на жртвите од вооружени судири и други видови на насилство.

-На светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина, 8 Мај, ја прославуваме храброста и постигнувањата на нашите волонтери и вработени, чии животоспасувачки услуги и други активности го менуваат животот на луѓето и ја покажуваат нашата секојдневна заложба кон хуманоста. Ние сме присутни на локално и меѓународно ниво, независни и неутрални, и сме секаде за сите луѓе, додаде Велев.

Низ целиот свет, според него, ова движење обезбедува широк опсег на услуги за најранливото население во различни контексти – од обезбедување на одговор при катастрофи и конфликтни ситуации, па се до обезбедување на помош во урбани средини и тешко достапни области, и застапување во име на оние кои имаат потреби пред властите во државите.

Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина годинава се одбележува под мотото „Љубов“. Овој ден претставува годишно одбележување на принципите на меѓународното движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Овој ден се одбележува во чест на основополжникот на ова движење Анри Динан, кој е роден на 8 мај 1828 година, а е добитник на првата Нобелова награда за мир.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *