Џафери оствари билатерални средби со Анџело Фаруџа и Иракли Кобахиѕе

На маргините на 140. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери оствари билатерални средби со  Иракли Кобахиѕе, претседател на Парламентот на Грузија и Анџело Фаруџа, претседател на Претставничкиот дом на Република Малта, соопшти собраниската прес-служба.

На средбата со Кобахиѕе, Џафери изразил задоволство од воспоставувањето на билатералните односи со Грузија во февруари оваа година и истакнал дека, со овој чин во голема мера ќе се унапредат политичките односи и вкупната соработка на билатерален и мултилатерален план. Тој подвлекол и дека двете земји споделуваат иста стратешката определба за членство во ЕУ и НАТО, при што го запознал соговорникот со активностите кои ги презема земјава за полноправно членство во НАТО и отворање на пристапните преговори со ЕУ.

– Кохабиѕе истакна дека воспоставувањето на билатералните дипломатски односи со Република Северна Македонија е чекор напред кон зајакнувањето на заемната поддршка и соработка во сите области. Тој се осврна на парламентарната соработка и размена на искуства, при што ја спомна посетата на нашето Собрание со цел запознавање со активностите, функционирањето и услугите кои ги нуди нашиот Парламентарен институт, се вели во соопштението.

На средбата со Фаруџа, претседателот на Парламентот Џафери истакнал дека по воспоставувањето на дипломатските односи во 2016 година, односите и соработката се унапредиле значајно во сите домени од заеднички интерес, особено во контекст на европските интеграциски процеси на земјава.

– Тој се заблагодари на безрезервната поддршка што Република Малта и ја дава на Република Северна Македонија во процесот на отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и нагласи дека искуството на Малта би било многу корисно за нашата земја во процесот на ЕУ интеграцијата и токму во оваа насока има простор за размена на искуства и добри практики на ниво на институции и служби. Воедно, претседателот Џафери подвлече дека парламентарната соработка го отвора патот на владите понатаму да ја конкретизираат соработката со потпишување на спогодби и имплементација на истите, информираат од собраниската прес-служба.

Фаруџа упатил честитки за достигнувањата на земјава во процесот на евроатланската интеграција и додал дека, Малта ќе ја поддржи нашата земја за членство во Европската Унија и воедно ќе и помага низ целиот процес преку разни форми на размена на искуства, добри практики и стипендии за службениците за стажирање во нивните институции.

Џафери информирал за активностите на Собранието, како и за текот на претседателските избори. Подвлекол дека, во јуни се очекува нашата земја да добие датум за отпочнување на преговори со ЕУ, што ќе испрати јасен сигнал за европската иднина државата и на  нејзините граѓани. Тој ја поздравил заинтересираноста на соговорникот за доделувањето на стипендии за службата за обучување на теми кои се однесуваат на улогата на Парламентот во процесот на пристапување во ЕУ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *