Апостолакис: Се стремиме Грција да стане главен стратешки партнер на Северна Македонија

Наш стремеж е нашата земја да стане главен стратешки партнер на Северна Македонија, а секако и Северна Македонија е расположена да соработува со нас, вели министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апосотолакис во интервју за грчкиот весник „Real news“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Мое убедување е дека продлабочувањето на билатералната одбранбена соработка и интеграцијата на Северна Македонија во НАТО, ќе придонесат во зацврстувањето на меѓусебните односи и во зајакнувањето на чувството на стабилност во поширокиот регион на Балканскиот полуостров, регион познат по неговата нестабилност. Неодамнешното институционализирање на билатералната одбранбена соработка со Северна Македонија со потпишувањето на конкретниот договор им служи на стратешките интереси на Грција во регионот. Нашата намера е да придонесеме во систематската трансформација на вооружените сили на соседната земја за да се исполнат потребните стандарди и барањата на Алијансата за интероперабилноста и стандардизацијата, вели Апостолакис во интервјуто.

Министерот за одбрана на Грција објаснува дека согласно потпишаниот договор со неговата колешка од Северна Македонија, на 2 април во Скопје, постои подготвеност за соработка за обука, вежби, сајбер-безбедност, академското образование и воздухопловната полиција „со цел да ја унапредиме билатералната одбрана, но и да започне непречена интеграција на Северна Македонија во НАТО“.

-Наш стремеж е нашата земја да стане главен стратешки партнер на Северна Македонија. Секако и Северна Македонија е расположена да соработува со нас, нешто што повторно беше истакнато од премиерот и министерката за одбрана на земјата на 2 април, а цврсто верувам дека Грција веќе игра водечка улога на Балканот на одбранбено ниво, секогаш врз основа на соработката и мирниот соживот со другите држави, објаснува грчкиот министер за одбрана во интервјуто за „Real news“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *