Заев: Да имаме позитивна изборна кампања, ги почитувам сите кандидати

Треба да имаме позитивна изборна кампања, имам и право и обврска да поддржам концепт и кандидат за изборите, ги почитувам сите кандидати и никогаш никого не сум потценувал, вели премиерот Зоран Заев, по оценката што вчера ја упати кандидатот за претседател Гордана Силјановска дека е невообичаено премиер и министри да учествуваат во кампања за претседател и оти сите треба да се однесуваат технички.

– Јас сум и претседател на СДСМ, и секако имаме право да имаме своја определба и став. Јас сум еден од двигателите на левицата и од владиното мнозинство. Соодветно на Уставот и законите во нашата земја направивме избор на кандидат зад кој стоиме. Стојам отворено, чесно и јавно за целиот концепт на Стево Пендаровски и зад Пендаровски затоа што не само што е мое право, туку е и моја обврска и должност да поддржам концепт и кандидат на овие избори. Респект и почит кон сите кандидати, никогаш никого не сум потценувал, но граѓаните треба да изберат помеѓу понуда и концепт, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој апелира да се даваат понуди на граѓаните и да има позитивна кампања на која се обврзале претседателските кандидати.

– Апелирам да се даваат понуди на граѓаните, а не само да се зборува во празно за некое минато. Па дури и кога се зборува за минато убаво е да се оградиме од тоа минато како што тоа госпоѓата Силјановска впрочем и не го прави. Во таков еден аспект очекувам позитивна кампања заради тоа што и да беше беше ветено на 1 април од госпоѓата Силјановска и господинот Мицкоски, колку и да е денот на шегата, нам не ни е до шега. Треба да има позитивна кампања за да можат граѓаните да изберат вистински концепт и вистински претседател, кој по Устав и по закон е првиот човек во државата, рече Заев, кој учествуваше на регионалната конференција на Сојузот на Ротари клубови на РСМ: „Националната економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“.

Премиерот е и мој премиер и сите треба да се однесуваат технички, рече Силјановска Давкова, кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,  при вчерашната ТВ дебата со другите двајца кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и Блерим Река кој е поддржан од Движењето БЕСА и Алијанса за Албанците.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *