Во периодот од 1 април 2018 до 15 март 2019 година во земјава се објавени вкупно 35.261 написи на македонски јазик и 13.995 на албански јазик. Анализите покажуваат дека во просек десет отсто од овие написи може да се вбројат во информации чија цел не е информирање на јавноста, односно имаа за цел да презентираат неточни информации како факти. Десет отсто е бројка која навистина загрижува.
Ова го порача денеска министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во обраќањето во Атина на конференцијата на тема „Лажни вести за Договорот од Преспа“. Тој таму денеска е со министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, кој исто така им се обрати на присутните.
-Најголем број написи се објавени во септември, октомври 2018 година и јануари 2019 година. Од анализирани 750 написи чија што цел не е информирање на јавноста, најголем број написи биле објавени во септември и октомври 2018 година, но досегот на социјалните мрежи бил најголем во декември 2018 и јануари 2019 година. Ова покажува дека лажните вести се зголемени за време на референдумската кампања и периодот на усвојување на уставните измени во Собранието, како и ратификувањето на Договорот во грчкото Собрание, информираше министерот Манчевски.
И Манчевски и грчкиот министер за дигитални политики, телекомуникации и медиуми, Никос Папас нагласија дека заедничката конференција е потврда за пријателството помеѓу Северна Македонија и Грција, како резултат на Договорот од Преспа.
Како што истакна министерот Манчевски, патот до надминување на деценискиот проблем меѓу двете држави не беше лесен, а лажните вести беа моќна алатка на непријателите на Договорот од Преспа.
-Лажните вести и дигиталната пропаганда, секогаш имаат за цел да манипулираат со скриените стравови и основните инстинкти на граѓаните. Секогаш пренесуваат порака на национализам, поделба, борба, конфликт, силни емоции, омраза, етнички прашања… Таков беше случајот и со лажните вести кои се однесуваа на Договорот од Преспа. Основна форма на медиумска манипулација беше „нецелосното известување“, односно намерно неинформирање за клучниот факт дека на веб-сајтот на Владата кратко време по потпишувањето е објавен оригиналниот текст на договорот. Лажните вести, најчесто се базираа на селективно избрани сегменти од членови на договорот на кои им беа додавани нови значења преку шпекулации кои беа претставувани како факти, истакна министерот Манчевски.
Поповски се осврна на заложбите на Владата за борба против лажните вести.
-Како Влада повикавме на конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање. Од почетокот на процесот, ден денеска и понатаму, остануваме на ставот дека гласност и транспарентност на процесот треба да има, и ние сме горди што учествувавме во создавањето на тој амбиент. Гласноста им овозможува на професионалните и независни медиуми да го изразат ставот на граѓаните и интересот на јавноста во една демократска држава. Овозможивме дебата. Актуелната Влада на Република Северна Македонија и нејзините политики, демонстрираа дека постои силна политичка волја и стручна подготвеност да ги спроведеме медиумските реформи и да подобриме условите за работење на медиумите, во соработка со медиумските професионалци, нагласи тој.
Нагласи дека како централна извршна институција Владата се заложила да бидеме отворена, која константно во јавноста пласира точни информации.
-На лагата да ѝ ја спротивставиме вистината!, истакна министерот Поповски кој понатаму го изрази своето длабоко уверување дека токму вистината ќе го продлабочи искреното пријателство и ќе ја интензивира соработката и заедмната поддршка на граѓаните на Грција и Северна Македонија.
Министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми Никос Папас зборуваше за досегашната соработка помеѓу владите на Република Грција и Република Северна Македонија.
-Промовираме повеќе проекти, не само билатерални туку и регионални. Никој повеќе нема изговор да се спротистави на соработката и партнерството помеѓу овие две држави. Единствени кои се уште се против се оние кои инвестираа премногу во поделба, и сега тие би рекол се неврботени. Но, патот кон соработка и пријателство се отворени. Ова е успех на две влади, Владата предводена од Ципрас, и Владата предводена од Заев, кои несебично својот политичкиот успех го ставија настрана, со цел надминување на проблемите. Можеби треба да размислиме да доделиме Нобелова награда за лажни вести. Има многу кандидати и тешко ќе биде да го избереме победникот, порача Папас.
Нагласи дека заедничка цел е да се направи мост за соработка со неутрални и точни информации.
-Тоа ќе го постигнеме сите заедно. Мораме да ја вратиме довербата, особено по големиот успех што го постигнавме. Наша заедничка алатка е вистината, рече министерот Папас.