Прва трилатерална тактичко-показна вежба „Bester Balkans flesh“

Специјалните полициски единици на Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово денеска во скопската касарна „Ѓорче Петров“ ја изведоа првата заедничка тактичко-показна вежба „Bester Balkans flesh“.

Тактички гаѓања, хеликоптерско спуштање со упад во објект и препад на возило со апсење опасни лица беа трите точки демонстрирани пред министрите за внатрешни работи на нашата земја Оливер Спасовски, на Косово Екрем Мустафа и заменик-министерот за внатрешни работи на Албанија Ровена Вода.

– Горд сум што денеска имаме можност да ја промовираме оваа заедничка активност која не води кон продлабочување на нашата соработка и преку која ќе пренесеме јасна порака за нашата недвосмислена определба за одржување на безбедноста и стабилноста во регионот, рече министерот Спасовски по завршувањето на вежбата.

Заедничката показна вежба на специјалните полициски единици на трите земји, нагласи Спасовски, е најдобриот доказ дека земјите од регионот умеат да испратат вистинска порака за успешна регионална соработка.

Оваа иницијатива, како што рече, покажува дека заедно можеме да развиваме мрежа на соработка, да надградуваме знаења, разменуваме искуства, како и да ги зајакнуваме стекнатите техники и вештини и нивна практична примена за полесно справување со најголемите предизвици од областа на безбедноста.

Тој изрази благодарност за поддршката во обуки и технички средства од ИЦИТАП Програмата при Амбасадата на САД во Скопје.

Спасовски изрази убедување дека вежбата овозможила продлабочување на знаењата и нивна перманентна пракса во понатамошниот развој.

– Како домаќини горди сме на овој значаен сегмент од нашата заедничка соработка што е дополнителна потврда на заложбите на Владата за промовирање на билатералната и регионална соработка преку градење пријателски и професионални односи со земјите од регионот, како и промовирање на методологиите и стандардите за полициско работење согласно европските стандарди, рече, меѓу другото, Спасовски.

По завршувањето на трилатералната вежба на учесниците од специјалните полициски единици им беа доделени сертификати и благодарници.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *