Истекува рокот за поднесување на кандидатурите за претседател

До денеска на полноќ завршува рокот до кој кандидатите за претседател на државата треба да ги достават кандидатурите до Државната изборна комисија (ДИК).

Кандидатура веќе поднесе Блерим Река, кандидат на албанската опозиција, а се очекува тоа да го сторат и останатите двајца кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и коалицијата и Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

За официјализирање на претседателската кандидатура потребно е кандидатите да достават 10.000 граѓански или 30 пратенички потписи по што ДИК треба во рок од 48 часа од доставувањето, да ја потврди кандидатурата. Доколку има неправилности, тогаш кандидатурата се враќа и поднесувачот има рок од 48 часа да ги отстрани утврдените неправилности.

Кампањата за претседател на државата почнува на 1 април и ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај.

Под кој реден број ќе се најдат кандидатите, ДИК ќе утврди на 25 март со ждрепка.

Доколку ниту еден кандидат за претседател не го добие потребното мнозинство гласови, тогаш ќе се одржи втор круг и гласачите ќе бираат меѓу двајцата кои освоиле најмногу гласови. Кампањата за втор круг би завршила во 24 часот на 3 мај, а  гласањето би се одржало на 5 мај. Победник на изборите ќе биде еден од двајцата кандидати кој во вториот круг освоил повеќе гласови, но под услов да биде остварен цензусот односно доколку гласале повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите за претседател не го добие потребното мнозинство гласови, ќе се повтори целата изборна постапка. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *