Фондацијата „You are sunflower“ шампион на регионална соработка за 2018-та на Балканот

Фондацијата „You are sunflower“ (Ти си сончоглед), што работи со социјално загрозени деца во Албанија, Косово и Северна Македонија е избрана за шампион за регионална соработка за 2018 година на Балканот од страна на Регионалниот совет за соработка (РСС). Наградата беше врачена синоќа на голема церемонија во Сараево од страна на генералната секретарка на РСС Мајлинда Брегу на основачката и претседателката на Фондацијата, Албани Османи.

– Солидарноста е темелна европска вредност, една од оние што во последно време недостасуваат во постмодерниот свет во кој живееме. Секоја година РСС избира еден од бројните пионери на регионална соработка чии активности и влијание ја одбележале годината зад нас, изјави Брегу, додавајќи дека е застрашувачки да се знае дека делот на децата до 15 години кои се изложени на ризикот на сиромаштија на Западен Балкан достигнува дури 31,5 отсто.

Османи посочи дека почнале со работа со сопствени пари во 2017 кога отпечатиле брендирани маици со мотив на сончоглед, по што од продажбата ги започнале првите активности со тешко болни деца во болниците, најнапред во Албанија, па во Косово и во Северна Македонија.

– Каде и да има дете на Балканот на кое му е потребна помош ние сакаме да му ја дадеме – изјави основачката на Фондацијата, објаснувајќи дека следниот чекор е проширување на активностите на целиот регион.

РСС која наградата ја врачи одбележувајќи 11 години од работата е еден вид оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач е и Република Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *