Османи и Филипче разговарале за предизвиците во здравстото и ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче на денешната средба ги отвориле прашањата за предизвиците на здравствениот систем, предвидените реформи, но и можноста за соработка меѓу Министерството за здравство и Секретаријатот за европски прашања, особено во делот на странската помош наменета за здравствениот систем.

– Како поранешен министер, но и како доктор, свесен сум за големината на предизвиците на здравствениот систем за чие справување ја имате целосната моја поддршка, но и поддршката од СЕП за справување со потребните реформи, истакнал Османи на средбата, соопшти неговиот Кабинет.

Тој додал дека е запознаен со фактот дека реформите во здравството се тешки, напорни, но и скапи, и дека клучен предизвик е обезбедувањето финансиска поддршка за нивното спроведување за што, како што истакна Османи, Министерството за здравство ќе ја има целосната поддршка од СЕП, но и неговата лична поддршка како Национален координатор на странската помош во Република Македонија.

– Приближувањето кон Европската Унија, не значи само спроведување на болни реформи, туку и придобивки од приближувањето кон европските вредности и стандарди. Напредокот во приближувањето кон ЕУ значи и напредок во остварување на европско здравство, европски стандарди во здравството, што претставува една од најважните европски перспективи на Македонија, истакна Османи кој со оптимизам гледа на соработката со Филипче.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *