ВМРО ДПМНЕ-Демократска фракција: Срамната глума на самоумислените „цареви“ Заев и Ахмети

Демократската Фракција на ВМРО ДПМНЕ е вџашена и згнасена од неодговорниот однос и евтината глума на самоумислените ,,цареви” Зоран Заев и Али Ахмети. Во ситуација кога едниот од нив го изневерува својот коалиционен политички другар и јавно повторно ја покажува длабоко всадената љубов кон поранешениот долгогодишен партнер, тие без око да им трепне глумат сложна фамилија. Со насмеани усти од едното до другото уво, тие дури и на македонски јазик ја покажуваат нивната ,,идила”. Замислете за помалку од еден час во име враќање на меѓусебната љубов и почит договориле заедничко дете (консензуален кандидат за претседател).

Тоа што дел од нивните послушни деца свесно ја попречуваат кривичната постапка за 27 април, штитат други деца пратеници обвинети за тероризам и притоа свесно го кршат Уставот и деловникот и не е така битно, зошто палавоста на децата е плод на воспитувањето и наредбите од родителите цареви. А кога е од царевите тоа мора да се испочитува до крај!. Евентуална одговорност за стореното или нестореното може да причека за некое идно време, откако ќе порасне ,,зачнатото консензуално” дете. Се разбира доколку не заборавиме до тогаш. А тоа што ,,консензуалното” дете во бракот од интерес ќе стои на стаклени нозе и може да се случи да не прооди или пак тоа што ќе ги налути нивните помали браќа и сестри, е најмалу битно во оваа ситуација. Не е битна ниту закажаната конвенција, ниту срамот и потсмевот на кој ќе бидат изложени останатите други деца и оние кои невино и наивно влетале во оваа брачно политичка заедница од интерес на ,,царевите” дадени од господ.

Битно е тоа што ,,прва и последна секогаш е нивната”, се друго е само епизода која брзо се заборава. Демократијата, процедурата и широкиот консензус и не се прашања за децата, за тоа се прашуваат и договараат исклучиво самоумислените ,,цареви”. Тоа што децата во бракот од интерес и лажна љубов се голи и боси, царевите не сакаат сега да им го соопштат, туку кога малку ќе потпораснат и ќе разбираат малку повеќе.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *