Интересна прочетка од Перово до Нивици

ИНТЕРЕСНА ПРОШЕТКА ОД ПЕРОВО ДО НИВИЦИ

 

Големата Река која го сечела полето за да се влее во тогашното езерце, Преспа ја делела на Горна и Долна. Ha реката имало неколку мостови кои ги поврзувале селата и населбите. Зачестените есенски дождови и топењето на пролетните снегови во планините, предизвикувале доаѓање на големата вода која го затнувала речното корито и го поплавувала полето и посевите, предизвикувајќи големи штети.

Тогашните владетели во Преспа, а подоцна и царот Самуил, организирале акции за расчистување на речното корито. Населението кое учествувало во тие акции било ослободувано од плаќање данок. Co оглед дека овие луѓе со децении го чистеле речното корито некои претпоставуваат дека името Рекарци го добиле токму поради тоа.

На локалитетот Латински Гробишта, во непосредна близина на селото Попли во Долна Преспа, се развила голема населба. Во неа се топела руда добивана од рудникот Рудари, во непосредна близина на селото Рудари кое името го добило по рудникот. Од преработената руда се ковало оружје и друга опрема за војската. Тогашните владетели на Преспа, па и царот Самуил, својата војска, главно, ја опремувале со ковано оружје во Преспа. Во населбата се ковале и бакарни предмети за потребите на домаќинствата. Населбата денес наликува на купишта камени грамади.

При обработка на земјиштето, жителите од Преспа често наидувале на темели од неко-ашни градби и водоводна канализација. Таков е случајот со локалитетите кај Долно Перово, каде и денес се откопуваат глинени ќупови од големи размери, разни монети и други метални предмети. Вакви локалитети има скоро на сите страни на Преспанското Езеро.

Така, во близина на селото Винени, на брегот на Малото Езеро, постоела голема населба. Поголемиот дел од урнатините се наоѓале под водите на езерото. На брегот биле и урнатините од големата црква Свети Ѓоргија. Малото село Винени, поради навлегување на езерските води во него, било преселено во подножјето на ридот. Исто така, селото Наколец неколку пати било преселувано.

Prespa2

Во 1935 година нивото на Големото Езеро опаднало за еден метар во однос на нивото на Малото Езеро. Жителите од блиските села до Малото Езеро го прошириле коритото на реката на Перова Кула и за неколку часа малата река се претворила во страотен матен брзак кој го однел мостот што бил единствена врска на селата од Долна Преспа. Населението останало отсечено неколку месеци, се додека нивоата на двете езера не се израмниле и на реката не бил направен нов мост.

Легендите и верувањата на рибарите дека на дното на езерото има градби, биле повод во 1936 година во Мала Преспа да дојдат двајца нуркачи, кои според упатствата на рибарите биле спуштени на дното на Малото Езеро. Набрзо претпоставките биле потврдени. На повеќе места на дното на езерото нуркачите забележале остатоци од стари градби – куќи, цркви, а од некогашното речно корито извлекле греди од стари мостови.

Жителите на селото Нивици, во големиот залив на местото Роот, на брегот на Големото Езеро, кои се занимавале само со риболов, зборуваат на наречје на македонскиот јазик со акцент зачуван од најстаро време. Тоа е уште еден доказ за античкото потекло на Македонците.

Преспа спаѓа во редот на најживописните подрачја во Македонија. Таа има долга и богата историја. Нејзиното име за првпат се споменува во 9-от век по Христа. Сите историски епохи и сите национални драми овде оставиле длабоки траги, почнувајќи од времето на Филип и на Александар Македонски до денес, за што сведочат многу историски споменици.

Prespa3

Пештерска црква во Долна Преспа

Нема податоци кога населението ја има „поделено” Котлината на Горна, Долна и Мала Преспа. Горна Преспа го зазема северниот, Долна Преспа јужниот, а Мала Преспа југоза-падниот дел. Горна и Долна Преспа ги разделува ридот Веѓе кај Претор, а Мала Преспа и Горна Преспа, копнено се разделени со Пречна Планина. Делот на Долна Преспа со Малото Езеро од Мала Преспа го одделува планината Сува Гора. Во трите делови постои незначителна разлика во говорот, носијата и обичаите на месното население.

Во 969 година Преспа станала првата престолнина на раната феудална држава на Македонците. Во нејзиниот состав останала до 1018 година. За цел овој период таа претставувала силна одбранбена тврдина на цар Самуил. Честите напади на моќната византиска војска, која со воено-политички акции се обидувала да ги вклучи Македонците во својата државна заедница, биле успешно одбивани.

Македонскиот цар Самуил, често престојувал во своите летни резиденции во Охрид и на островите Свети Аил и Голем Град на Преспанското Езеро. Тука тој доаѓал на одмор по тешките и напорни битки со војските на византискиот император Василиј Втори.

Во Самуиловото време бил изграден пат од селото Старо Езерени до Голем Град, кога Преспанското Езеро се викало Река. За жал, од таа стара сообраќајница нема траги, но затоа, пак, од овој терен носеле некакви камени плочки, што ги вградувале на фурните, кои често страдале од надојдената вода на Езерото. Барајќи такви плочки, луѓето често со чунови оделе во тој правец кон Езерени. Денес кога езерото е повлечено истражувачите го пронашле стариот Самуилов пат за Голем Град.

Во десеттиот век во Преспа била востановена и првата митрополија која за Македонците претставувала силно светилиште на просветата и културата. По нејзиното формирање, во сите населби околу Преспанското Езеро биле подигнати голем број цркви и манастири преку кои се ширела просветата и духовното живеење.

Prespa4

Дел од Долна Преспа

Особено значајна улога играла малата црква посветена на Свети Ѓорги во селото Курбиново. Под својот покрив ова просветно жариште крие извонредно убави фрески работени во 1191 година. Според својот стил, тие му припаѓаат на Комненскиот круг на византиското сликарство и се сметаат за врвни остварувања во сферата на фрескосликарството.

По освојувањето на Македонија од Турците дошло до крупни промени во животот на Македонците во Преспа. Според турскиот административен систем, Ресен, кој првпат се споменува во 11-от век под името Ресана, бил општински центар (кааза). Co локалниот попис од 1547 година, градот имал 382 куќи, од кои 369 христијански и 13 муслимански.

Во 19-от век населението од овој крај, свесно за својата национална припадност, водело енергична борба против Цариградската патријаршија, која преку воведувањето на грчкиот јазик во црквите и училиштата се обидувала да го асимилира. Сепак, во периодот од 1846 до 1880 година биле отворени голем број училишта во градот и во селата, во кои наставата се изведувала исклучиво на македонски јазик, на месното наречје.

Продолжува

Пишуваат: Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ и СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *