За Македонците во демократска и мултикултурна Канада

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДЕМОКРАТСКА И МУЛТИКУЛТУРНА КАНАДА

Првите македонски доселеници во Канада дошле во 1897 година. Нив ги има од сите краишта од Македонија, кои се тесно врзани со организацијата “Обединети Македонци” и  со црквата „Свети Климент Охридски” во Торнклиф Парк, „Свети Илија” во Мисисага, „Свети Димитрија Солунски” во Маркам  „Света Недела” во Пикеринг и „Свети Илија” во „Македонскиот парк”

 Меѓу другите организации, во Торонто постои Домот за стари лица „Канадско-македонски центар“, познат како „Старски дом“, „Канадско-македонското историско друштво“,„Македонското движење за човекови права“,„Здружение на македонските студенти на Универзитетот во Торонто“,„Здружение на македонските студенти на Универзитетот во Торонто“,асоцијацијата „Македонија 2025“ и други. 

Сите тие македонски организации постојат цо демократска Канада, која се смета за светски пример на мултикултурно општество. Таа е прва земја во светот која официјално го призна мултикултурното шаренило и ја продолжува континуираната, значајна и доследна недискриминациска политика. Со тоа, мултикултурата на заедништво, почит и љубов кон Канада се прогласи за политика на власта на Канада, каде што секој староседелец или новодојденец како Канаѓанин има право на слобода на свеста, верата, мислата, изразувањето, мирното собирање и развој во сопствената култура, пропагирање и применување на сопствената религија и употребата на мајчиниот јазик пренесуван преку безброј генерации.

KJ2

Често се вели дека Канада е „ветената земја” за Македонците, особено од егејскиот дел на Македонија, кои во Канада ги уживаат сите човекови права. Додека во своите родени земји Грција (Елада) и Бугарија се еден вид туѓинци: немаат свои училишта, ни цркви; им се оспорува на­цио­налниот идентитет; врз нив се врши аси­ми­ла­ција, денационализација и систематско ис­тре­бу­ва­ње. Затоа, со право и со гордост Ма­ке­дон­ците во Канада ја пеат химната „О, Ка­нада…”

Кога човек пристигнува во Торонто, главниот, најголемиот и најубавиот град во провинцијата Он­тарио се чувствува како да е во светот во кој се из­ме­шала американската и европската култура, ста­рото и новото. Торонто е општосветски град во кој живеат околу пет милиони жители од сите меридијани. Тој е сместен на северозападниот брег на езерото Он­тарио, едно од трите најголеми езера во Северна Аме­рика и во светот, кое заедно со езерото Хјурон и Ири преку речниот тек на Лоренцова Река по­вр­зува голем број американски и канадски мет­ро­по­ли кон Атлантскиот Океан и светот.

Торонто, пак, е третиот македонски град по големина, по Скопје и Битола, во кој се задомиле околу 100.000 Македонци. Нив ги има од сите делови на Македонија, од многу градови и села во етничките граници на Македонија, меѓутоа, се чини дека најголем е бројот на доселениците и нивните поколенија кои се од егејскиот дел на Македонија. Се претпоставува дека баничани, желевци, буфчани, ошчимци, преспанци и битолчани се најбројни во Торонто и околните места.  Тешко се определува нивниот број, бидејќи тие дошле со разни патни исправи и, за жал, во зависност од тоа нивните презимиња и националната припадност се приспособувале според земјата од каде дошле.

Првите македонски доселеници во Канада дошле во 1897 година. Поради високите дострели, особено на економско поле, Македонците се една од најзначајните етнички групи во Торонто и играат важна улога во целокупното живеење. Нив ги има од сите краишта од Македонија, кои се тесно врзани со организацијата “Обединети Македонци” и  со црквата „Свети Климент Охридски” во Торнклиф Парк, „Свети Илија” во Мисисага, „Свети Димитрија Солунски” во Маркам  „Света Недела” во Пикеринг и „Свети Илија” во „Македонскиот парк”

Според искажувањата на митрополитот г. Кирил одреден број од Македонците во Канада припаѓаат на различни политички, национални и други организации. Многу од нив и го згрешиле патот и избегале од македонското јадро. Пропагандата од соседните земји ги вознемирила, ги преобразила и ги натерала да си го заборават својот род.

KJ3
Канадско-македонско место (Старскиот дом)

Меѓутоа, со обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и со изградбата и осветувањето на првата македонска православна црква „Свети Ѓорѓи” во Мелбурн во 1960 година, и во Торонто во 1965 година беше изградена и осветена црквата во Торонто, „Свети Климент Охридски”, што направи пресврт во македонското движење во Канада.

Исто така, една година по возобновувањето на самостојноста на македонската стародревна Охридска архиепископија, во демократската Канада, во метрополата Торонто на 28 април 1959 година, беше свикано сеопшто македонско национално собрание на кое е формирана македонската организација “Обединети Македонци”.

Тој историски чин, кој што се случи во градот Торонто, претставува раѓање на новата воскресенска пролет за нашето иселеништво на овие простори и за негово целосно осознавање и обединување на национален и црковно – духовен план на Македонците од етничка Македонија.

Инаку, меѓу другите организации, во Торонто постои Домот за стари лица „Канадско-македонски центар“, познат како „Старски дом“, каде старите лица нашле среќно катче.  Овој центар со стотина апартмани, трпезарија, и други потребни простории е пријатно место за живеење за голем број Македонци и Канаѓани. Тој е една од најстарите и најзначајните македонски институции. Првиот иницијативен одбор на овој дом беше формиран во 1969 година и прерасна во Управно тело – Борд на директори кој броеше 15 чле¬на и својата официјална дејност ја започна во 1971 година. Ова тело кое е акционерско, секоја година преку избори доживува промени.

Во аналите на Кандско-македонскиот дом е запишано дека во 1973 година беше купено место со површина од над три хектари на кое е изграден Домот, што е од интерес и потреба за сите Македонци кои живеат во Торонто и околината. Потоа на 7 мај 1978 година и официјално беше ставен камен темелникот, а на 24 септември 1978 година свечено беше откриена резба во камен со натпис “Канадско-македонско место 1978”. Домот на свеченото отворање е именуван како  “Канадско-македонски пензионерски (старски) центар”. Свеченото отворање на Домот беше извршено на 17 јуни 1979 година.

Во зградатана „Старскиот дом“ работи и Канадско-македонското историско друштво. Тоа е единствено од таков вид во дијаспората кое игра значајна улога во севкупната научна и културолошка активност на голем број македонски интелектуалции од Канада, а  кое има и своја библиотека во Домот.

Канадско-македонското историско друштво е асоцијација во која членуваат Канаѓани од македонско потекло од сите делови на Македонија кои се занимаваат со македонската историја, култура, јазик, литература и воопшто со македонската вистина во минатото и сегашноста. Тоа е формирано во 1991 година од група ентузијасти чиј број постојано расте и привлекува други професионалци и ентузијасти да ги негуваат македонските придобивки. Друштвото има за цел да ја развие свеста и гордоста меѓу членовите и пошироко во канадското општество со цел тие да дознаат од каде им се корените, какво било нивното минато, сегашност и иднина.

Оваа значајна канадско-македонска асоцијација е непрофитна, доброволна, формирана согласно законските одредби на провинцијата Онтарио. Затоа Друштвото е поддржано од бројни волонтери и нивни спозори кои ги финансираат програмите на Друштвото. Исто така, Друштвото придонесува да се соберат на едно место и членовите на Канадско македонската асоцијација на ветераните, што е голема придобивка во развивањето на односите меѓу ветераните од Македонија и Канада.

Посебен акцент во работата на Друштвото е ставен на развојот и промовирањето на македонските историски и археолошки истражувања, како и воспоставување и одржување на библиотечен и музејски фонд, кои ќе значат проширување на знаењата на членовите и афирмација на македонската вистина во канадското општество.

Исто така, во Торонто активно работи на прашањата за човековите права на Македонците и другите обесправени народи „Македонското движење за човекови права“ (порано Македонско движење за човекови права од Канада).  Тоа е формирано во 1986 година. Неговата цел е да се бори за основните човекови и национални права, вклучувајќи го и правото на слобода на изразување и здружување.

KJ4

Оваа значајна македонска асоцијација ги поддржува демократските начела за сите етнички Македонци и другите обесправени народи, во согласност со Универзалната декларација за човековите права, Повелбата на Обединетите нации, Европската конвенција за човекови права, Париската повелба и сите други документи на Конференцијата за европска безбедност и соработка во Европа.

Во Торонто во 1988 година е формирано и „Здружение на македонските студенти на Универзитетот во Торонто“ (AMSUT). Како организација таа е посветена на активностите и прашањата на македонските студенти. Всушност, Здружението е центар за македонските активности на верска, политичка, образовна, културна и социјална природата. Целта на оваа студентска асоцијација е да го зајакне чувството за општествена одговорност кај младите во заедницата, потоа да се зголеми донаторството кон Македонија, да се прошири стипендирањето на студентите и тие да се вклучат во македонската заедница на национална, културна, јазична,  религиска и друга основа.

KJ5

На 25 јануари 2010 година во Торонто се формира гранка на асоцијацијата „Македонија 2025“, американско здружение на  бизнис професионалци. Оваа асоцијација е формирана во соработка со Скошија банката од Канада. Притоа е речено дека таа е за зближуваље на луѓето и претставува фантастична можност за македонските бизнис професионалци да се вклучат во средината каде што можат да учат едни од други, да градат односи и да инвестираат во себе.

„Македонија 2025“ е независна и неполитичка организација посветена на зајакнувањето и подобрувањето на економијата на Република Македонија. Она што го прави овој проект е уникатен во разновидноста на учесниците, бидејќи асоцијацијата ја води тим кој има богато искуство и знаење во областа на телекомуникациите, информатичката технологијата, финансискиот и банкарскиот сектор, развојот на инфраструктурата, претприемништвото и законодавните процеси.

Продолжува

slavk

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *