Кумановската болница ќе објави повик за набавка на повеќе апарати

Кумановската болница ќе набави апарати за повеќе одделенија, најавија денеска надлежните од здравствената установа.

Во тек е објава на јавна набавка за апаратите кои ќе биде купени со средства од буџетот на болницата. За набавката на апартите, болницата планира да одвои 100.000 евра, со што сметаат надлежните, ќе се подобри квалитетот за здравствените услуги кои установата ги нуди за пациентите од Куманово и општините од североисточниот регион.

– Годинава, планираме да набавиме стерилизатор со капацитет од 475 литри, што ќе послужи за стерилизација на болнички инструменти и ќе го користат хируршките гранки, акушерскиот оддел и останатите кои имаат потреба од стерилизација, изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.

Стерилизаторот, што планираат да го набават, велат од болницата, е со голем капацитет и во него ќе може да се стерилизираат пластичните делови од инструментите.

– Постојниот што го имаме на хирургија и останатите по другите одделенија навистина се дотраени, постојано се расипуваат и ги носиме на сервис. Доколку сакаме да работиме по стандарди, без да импровизираме мора да набавиме современа опрема, изјави Захариева.

Дополнително, годинава е предвидено да се изврши и набавка на екг апарат, холтер, ларингоскоп за одделението за уво, грло и нос.

– Ќе набавиме и гастроскоп, бидејќи стариот постојано се расипува. Сметам дека со два гастроскопа ќе се зголеми бројот на прегледи во болницата. Претходно пациентите беа упатувани во Скопје, рече Захариева.

Таа дополни дека веќе е едуциран лекар за овие прегледи. Болницата планирала и набавка на апарати за гинеколошко-акушерското одделение, но, информираа дека веќе добиле најава за донација од „Проект Хоуп“ , за ехо апарат и ЦТГ апарати.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *