Штипски „Исар“ ја намалува цената на водата за пет проценти

Граѓаните на Штип од 1 јануари 2018 година ќе пијат поевтина вода за пет проценти, објави на денешната прес-конференција градоначалникот, Благој Бочварски. Тој забележа дека Регулаторна комисија го прифатила  барањето на штипското комунално претпријатие „Исар“ за намалување на цената на водата.

– Направивме избор да ја избереме минималната просечна тарифа понудена од Регулаторната комисија за енергетика, со што ќе се одржува рентабилноста на ЈП „Исар“, но ќе се заштити интересот на граѓаните. Во 2018 година цената на водата за пиење за домаќинствата и јавните институции ќе изнесува 33,73 денари или за пет отсто помалку во однос на досегашната тарифа, вели Бочварски.

Тој најави дека за 2019 година предвидено е уште едно пет процентно намалување на цената на водата за пиење, со што во 2019 година семејствата ќе плаќаат по 31,96 денари за потрошен кубик вода.

– Исто така во регулираниот период ќе има намалување на цената на водата за пиење за девет отсто за правните лица, која што од сегашниот износ од 53 денари ќе се намали на 48,29 денари заклучно со 2020 година со понатамошна тенденција на намалување на цената за правни лица, рече Бочварски.

Според пресметките доколку едно штипско семејство месечно плаќа сметка за вода од 1.000 денари по намалувањето на цената месечно ќе плаќа во просек по 950 денари, односно намалувањето е 50 денари.

Штипскиот градоначалник забележа дека во наредниот период ЈП „Исар“ ќе работи домаќински, односно ќе ги намали непродуктивните трошоци и загубите на вода, со што одлуката за намалување на цената на водата нема негативно да се одрази врз работењето на комуналното претпријатие.

Според бизнис планот на ЈП „Исар“-Штип кој ќе биде презентиран на наредната седница на Советот на Општина Штип ќе се види во кои ставки ќе штеди и како ќе ја фактурира нефактурираната вода, која измерена од излезот на Филтер станица, до домаќинставта, институциите и фирмите во просек изнесува околу 60  отсто.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *