Скромен дочек на Новата година во општините од истокот

Општините од крајниот исток во земјава Новата година ќе ја дочекаат скромно. Прослави на градските плоштади најавуваат единствено Берово и Македонска Каменица.

Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски информира дека на градскиот плоштад ќе биде организирана забава со локален бенд.

– Програмата за дочекот на Новата година ќе започне во 22 часот, а како еден неизоставен дел од вечерта ќе биде и огнометот кој ќе биде пуштен точно на полноќ. За сите присутни гости на плоштадот ќе биде обезбедено и освежување од страна на организаторот, рече Пекевски.

Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова истакна дека оваа година ќе има скромен дочек на Новата година во дворот на СОУ „Миле Јаневски-Џингар“.

– Оваа година се одлучивме за скромна прослава, всушност, тоа го побараа од нас и граѓаните преку нашата анкета. Ноќта спроти Новата година нашите сограѓани ќе ги забавува локален бенд, а со средства од Општината и со поддршка на РОЦ Саса ќе бидат обезбедени топли пијалаци за присутните, рече Стаменкова.

Во Делчево и оваа година нема да има организиран дочек на Новата година. Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека тоа не го дозволуваат средствата во општинската каса.

– Нема да има оганизиран дочек, но се надевам дека за догодина ќе успееме да организираме забава на градскиот плоштад. Нашите планови се наредната година да го консолидираме буџетот на општината, рече Трајковски.

 

One thought on “Скромен дочек на Новата година во општините од истокот

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *