Ѓоргиев: Антиквизацијата е дел од историографската катарза, но е погрешен чекор

Процесот со препрочитување на историјата во земјите кои произлегоа од социјалистичко-комунистичкиот блок е оправдан бидејќи во тој социјалистички период беа фаворизирани, дури и хиперболизирани одредени настани и личности, а беа занемарени и маргинализирани некои процеси кои се случуваа во предходниот период. Тоа се случи и во Македонија, но, за жал, на еден вулгарен и недоволно академски начин.

Ова го вели директорот на Институтот за национална историја Драги Ѓоргиев во интервју за МИА, запрашан дали се оправдани препрочитувањата на историјата, особено во поранешните ЈУ-републики и кај нас.

– Во извесна мера тоа препрочитување беше оправдано во однос на земјите кои произлегоа од тој социјалистичко-комунистички блок, бидејќи објактивно, историографиите во тие земји (земјите од Варшавскиот блок и СФРЈ) беа под многу силен идеолошки чадор. И сметам дека тука имаше потреба од препрочитување на историјата, бидејќи во тој социјалистички период беа фаворизирани, дури и хиперболизирани, одредени настани и личности од тој период, додека од друга страна беа занемарени и маргинализирани некои процеси кои се случуваа во предходниот период. Во овие 30 години во сите тие земји се случи една историографска катарза. Излезе на површина сето она што било потиснувано во социјалистичкиот период во траење од 70-тина години. Тоа се случи и во Македонија. Но, за жал, тоа се направи на еден вулгарен и недоволно академски начин, бидејќи се она што се случило во последните 70 години беше оцрнето, неоправдано стигматизирано од идеолошки аспект и целосно отфрлено, вели Ѓоргиев.

Се заборави, додава тој, дека во тие 70 години се случија работи кои заслужуваат да имаат важно место и да бидат и денес присутни во нашите пишувања и сеќавања за минатото, а тоа, смета, посебно се однесува на Македонија.

– Тоа особено важи за Република Македонија, затоа што во тие 70 години од тој социјалистички развој на Македонија всушност македонската нација застана цврсто на своите нозе. Токму во тој период се создадоа сите најважни институции за равојот на македонската нација, државата вложи огромни ресурси во образованието, во науката, а во тој контекст и во историографијата. Се формираа УКИМ, МАНУ, беше обновена МПЦ, се формираа бројни образовни и научни центри кои го подигнаа општото образовно и академско ниво на оваа нација на едно високо ниво како никогаш порано. Всушност тоа беше период во кој беа поставени најцврстите сидра на кои и денес почива таа нација. Поради тој период на никаков начин не смее да биде маргинализиран и не смее да се отфрли како период во кој сме имале повеќе штета отколку корист. Напротив, тоа е период, во кој според мене, македонската нација го имаше својот најголем процут од образовен и интелектуален аспект и тој мора да служи како пример и да биде и силно присутен во нашето пишување за минатото, подвлекува Ѓоргиев.

Во однос на тоа како ја толкува „антиквизацијата“, директорот на ИНИ истакнува дека и таа е резултат на историографската катарза.

– И авантурата со одењето во антиката беше резултат токму на таа историграфска катарза што се случи во Реоублика Македонија. И мислам дека тоа беше погрешен чекор. Македонскиот народ, според својот идентитет припаѓа кон словенските народи. Денешната современа македонска нација е словенска нација и припаѓа на јужнословенските нации. Националното поврзување со античките Македонци е невозможно и ненаучно, бидејќи не постојат докази  и аргументи со кои ќе го воспоставите тој континуитет. Македонската нација не постои без прекин 2000 и повеќе години. Таква нација не постои на Балканот. Митот за Александар Македонски, за Античка Македонија, е многу привлечен, меѓутоа не постои никаква основа за национално поврзување со античките Македонци, бидејќи во крајна линија, националните идентитети и современите нации се современи категории. Тие не се категории кои патуваат низ историјата непроменети.

Според него, тоа не важи за ниту една нација, па ниту за македонската, затоа што идентитетот не е биолошка категорија.

– Гените не не прават Македонци, ниту еден човек не се раѓа како Македонец, Албанец, Грк итн. Тоа што го офомува нашиот идентитет е нашето понатамошно образование, домашно воспитување, средината во која растеме, јазикот, припадноста кон одредена култура итн. Националниот идентитет е културно-социјално-политичка категорија. Нашата нација се формирала на идентичен начин како и другите нации на Балканот, можеби малку подоцна од сите нив. Процесите започнале во 19 век и завршиле во 20 век, но тоа не значи дека македонската нација треба да се чувствува инфериорна во однос на другите. Впрочем, сметам дека националниот идентитет е категорија која со тек на време ќе исчезне, дециден е директорот на Институтот Драги Ѓоргиев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *