Отворено писмо на Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ до Христијан Мицкоски

ВМРО ДПМНЕ Демократска фракција во повеќе наврати досега преку соопштенија и изјави на нејзини членови, со добронамерни забелешки, сугестии и предлози се обрати до наметнатото раководство на ДПМНЕ, а сега и директно со отворено писмо и до Христијан Мицковски како прв човек на тоа раководство. Дел од нашите досегашни предлози беа прифатени, а за жал поголемиот дел поради немање храброст се игнорирани или останаа во потсвеста.

Господине Мицковски, без разлика на нашите спротивставени размисли и ставови по однос на одредени прашања, ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фракција во име на поубавата иднина на партијата и државата, максимално Ве поддржа за неселективно расчистување со криминалните партиски структури, кариеристи, прислужници, бандити, непринципиелни и дезидеологизирани персони желни за власт и сопствен комодитет. Иако ова го очекувавме од Вас и Вашето раководство веднаш по брзиот и нестатутарен конгрес во Валандово, сепак и задоцнетиот Ваш потег од пред неколку дена го поддржавме и го поддржуваме. Во оваа прилика сакаме да ви укажеме дека Вашата улога во овие случувања не смее да биде епизодна и селективна, туку треба да продолжи со истиот принцип и темпо кон сите кои се огрешиле кон државата, граѓаните и партијата. Притоа очекуваме од Вас и јавно извинување во име на партијата кон сите граѓани на Македонија за сето сторено зло, од изродите во нашата партија. Потребно е да се стави крај и да им се каже довидување на сите оние кои живееа и профитираа од државата и партијата.

Жалиме за последиците кои во блиска иднина ќе ги трпиме сите ние како чесни членови на партијата, но истовремено сме среќни што исплива на површина криминалниот начин на водење на партијата, злосторствата, непринципиелноста и сите други аномалии на кои укажувавме сиве овие години, а кои не и доликуваат на партија со демохристијанска идеологија. За доброто на државата и партијата за сите директни и индиректни учесници и соучесници очекуваме фер судска разрешеница, а не амнестија. Амнестијата не треба да биде средство за собирање на дневно политички поени или пак давање лажна надеж на обвинетите и осомничените затоа што таа нема да се случи и истата ќе се врати како бумеранг поради досега погрешно водените и неискрени партиски политики исклучиво за спас на кожата на врховната партиска булумента.

Г-дине Мицковски, Демократската фракција смета дека е потребен итен разговор и договор за новите стратешки, програмски и кадровски постулати кои ќе го возобноват компромитираното и руинирано партиско ткиво. Лажните и козметички промени и привидно единство не смеат да се дозволат бидејќи потребна ни е победа на следните избори. Потребна е реална и коренита промена! Нов тимски приод на работа и раководење. Потребна е јасна визија за тоа каде оди Македонија и каква улога треба да има ВМРО-ДПМНЕ во иднина. Немојте да бегате од неминовната потреба за одржување на итен Конгрес на ВМРО ДПМНЕ, кој треба да донесе одлука со која ќе се определи дали: ВМРО ДПМНЕ во иднина ќе биде партија или движење; дали и понатаму ќе продолжи да функционира како злосторничко криминално здружение или пак најитно ќе се врати на демократскиот колосек како современа демократска и патриотска политичка партија, која ќе биде на браникот на националните интереси.

Да се разбереме, ние на Конгресот нема да побараме Ваше сменување, туку измени и дополни и демократизација на Статутот меѓу кои и зајакнување на раководењето со партијата. Ова зајакнување треба да биде во насока на времено колективно раководење со партијата, со претседавач како primus inter paresво идниот и времен колективен орган. Ова го бараме поради фактот што сите досегашни партиски лидери по разни основи ја злоупотребија позицијата и дадената доверба од членството, како и поради потребата одговорноста да биде поделена на повеќе нивоа во турбулентниот период кој ни претстои.

Се надеваме дека ќе соберете сили и храброст и ќе ја поддржите иницијативата за распишување на нов брз референдум на национално ниво, по барање и на иницијатива на граѓаните чија цел би била дополнително и конечно зацврстување на статусот и позицијата на Македонците, на македонскиот јазик, историја, традиција, наследство и култура како и нашиот стремеж за членство во западноевропски асоцијации и организации наспроти содржината на неуставниот и апсолутно ништовен Преспански договор.

Исто така сакаме да Ви напоменеме дека време е да се надминат сите лични суети и недоразбирања и на иста страна да застанат сите оние политички субјекти, асоцијации, здруженија на граѓани и индивидуи кои не се согласија со Преспанскиот договор и не го дадоа својот глас на референдумот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *