Заменик-министерот Жерновски на „2018 ОБСЕ Медитеранска Конференција”

„Важноста на енергијата за економски развој и соработка во Медитеранот” е насловена 2018 ОБСЕ Медитеранската конференција на која од денеска учествува заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, а се оддржува во Малага, Шпанија.

Конференцијата на ОБСЕ е организирана во соработка со словачкото претседателство со ОБСЕ Медитеранската контакт група и со Шпанија како земја домаќин, односно со словачкиот и шпанскиот министер  за надворешни работи, Мирослав Лајчак и Јосеп Борел Фонтелис.

-Оваа конференција ќе ги обедини клучните експерти од енергетскиот јавен и приватен сектор од Европа и Медитеранот, а во фокусот на дискусиите ќе бидат повеќе економски и енергетски области, меѓу кои: поврзаноста, развојот и соработката меѓу земјите и улогата на енергетиката, заштита на критична енергетска инфраструктура, обновливи извори на енергија, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.

Заменик министерот Жерновски ќе има обраќање на панелот на тема „Енергијата како предуслов за економски развој и соработка во Медитеранот”.

На маргините на Конференцијата, предвидено е Жерновски да оствари повеќе билатерални средби со колегите од Регионот и Европа, на кои ќе се разговара за евроатлантските перспективи на земјата, започнувањето на процесот на уставните измени со цел имплементација на договорот со Грција, како и за актуелните политички состојби во Република Македонија и Регионот.