Новинарството спроти пропагандата во фокусот на 14. Светска средба на бугарските медиуми

Новинарството наспроти пропагандата е во фокусот на 14. Светска средба на бугарските медиуми, што во организација на бугарската новинска агенција БТА и со поддршка на МИА, оваа година се одржува во Скопје.

На денешното свечено отворање на настанот директорот на БТА, Максим Минчев посочи дека целта е медиумите да се соберат, да си ги кажат проблемите со кои се соочуваат, предизвиците пред кои се наоѓаат.

– Главна тема е новинарството спроти пропагандата, но и штетите што ги прават лажните вести, како и проблемите на новинарството во светот, сите се соочуваме со недостиг на финансиски средства, рече Минчев.

Истакна дека оваа средба секоја година се одржува во различен град. Првата, во 2005 е одржана во Бугарија, потоа следеле Чикаго, Рим, Мадрид, Пловдив, Варна, Амстердам, Виена, Атина…Следната средба е планирано да се одржи во Канада или Кипар.

– Да бидеш на страната на професијата е сериозна провокација во денешницата. Новинарството или ќе го биде или ќе ни го земат сите оние рекетари, натрапници, платеници и профитери, кои гледаат како од него да печалат и да манипулираат. Ме радува дека токму ова е тема на вашата годишна средба, дека токму поради тоа сте во Македонија, во Скопје, истакна директорот на МИА, Драган Антоновски, кој ја отвори манифестацијата во Македонската академија на науките и уметностите.

Затоа што навистина, додаде Антоновски, потребно е да се расчисти на овие наши простори која е целта, дали треба да се работи во интерес на јавноста, на информирањето, како да ја сузбиеме пропагандата и дезинформирањето, лажните вести.

Антоновски додаде дека МИА и БТА имаат долгодишна сорабока, која, како, што рече, ќе биде проширувана и во иднина со заеднички проекти и настапи.

-Она во што сме сигурни е дека имаме заеднички интерес, а тое е професионални стандарди во новинарството, истакна тој.

Пред пристутните академици, претставници на македонско-бугарската стопанска комора, на Владата, на медиумите беше порчитана порака од бугарската заменик-претседателка Илијана Јотова, која како што посочи во неа од оправдани причини не можела да присуствува на настанот.

-Бугарија е најголемиот застапник на Македонија во ЕУ. Сакаме заедно да работиме на заедничкиот просперитет на регионот, нагласи Јотова во пораката до присутните.

Таа истакна дека очекува реални резултати од мешовитата бугарско-македонска комисија.

-Нејзината задача е мошне тешка и во нејзината работа особено е важна улогата на медиумите. Молчењето создава почва за шпекулации, нагласи Јотова во пораката и упати апел до бугарските медиуми да посветат поголемо внимание на ова прашање, а не, како што наведе, работите да ги дознава само од македонските медиуми.

По свеченото отворање на 14. Светска средба на бугарските медиуми пред присутните настап имаа светски реномираните музичари Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *