Ангел Димитров: ЛОН производството не може преку ноќ да се замени со сопствен бренд

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров смета дека текстилната индустрија ќе биде значајна гранка и во следните 10 години и ќе има влијание врз извозот и девизниот прилив на државата.

Во интервју за МИА, Димитров вели дека не смее да се дозволи оваа индустрија да пропадне, а најголем проблем ќе биде немањето работници.

– Ако го земете вкупниот број на текстилни работници во последните години ќе видите дека од три до пет проценти полека, од година во година, се намалува бројот на работници. Во следните 10 години, сепак, се уште ќе бидеме значајна гранка во Македонија. Ќе вработуваме многу луѓе и ќе имаме влијание врз извозот и девизниот прилив. Не смееме да си дозволиме ваква значајна гранка да не ја потпомогнеме особено затоа што немаме друга индустрија која ќе вработува толкав број луѓе, истакнува Димитров во утрешното интервју за МИА.

Според него, во текстилните фабрики мора да се зголеми продуктивноста преку автоматизација, односно набавка на посовремени машини, како што направиле Бугарите.

– Една институција од Германија спроведе истражување за текстилните фабрики на Балканот кое покажа дека фабриките во Штип надворешно се многу поубави од оние во Бугарија, но опремата во фабриките во Бугарија е многу посовремена од оние во Македонија. Нашите газди сакаат фабриката однадвор да изгледа убаво, ама во опремата сме многу слаби. Мора да инвестираме во опрема, нагласува Димитров.

Вели дека не може преку ноќ да се замени ЛОН производството карактеристично за текстилниот сектор со создавање на сопствен бренд бидејќи за тоа се потребни финансии кои во моментот ги немаат текстилните компании.

– Ако направите текстилен производ со Made in Macedonia со истиот квалитет, како на пример BOSS, и тој производ го понудите дури и со 30 проценти поевтина цена, никој нема да ви го купи. Имаме вакви случаи. Од друга страна, за класично производство треба да набавите репроматеријали кои ние сега со ЛОН производството ги добиваме бесплатно од нашите странски партнери. Значи мора да имате сопствен капитал тоа да го финансирате. Нашите компании немаат таков капитал тоа да го финансираат. Дури и да земат кредит од банка, ќе платат повисока камата, за разлика од некоја компанија во Германија. Желбите се убави и треба да се работи на тоа, но да не се занесуваме дека преку ноќ ЛОН производството, ќе го замениме со класичен домашен производ, посочува Димитров.

Во интервјуто за МИА, Димитров говори и за случаите со исплатата на К-15 и минималната плата, за недостигот од работници, за предлогот да се замрзне плаќањето на придонесите од 12.000 до 18.000 денари, како и за условите за работа на работниците.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *