Тевдовски: Нова регулатива за позитивни поместувања на пазарот на капитал

Нова законска регулатива за пазарот на хартии од вредност за идната  година, што ќе создаде услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Македонија, повисоко ниво на стабилност на пазарот, зајакнати овластувањата на надзорните органи и подобра заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

– Во агендата на Министерството за финансии за идната година е една од најголемите реформи во областа на пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закона – закон за финансиски инструменти и закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Со новите закони ќе се воспостави јасна и сеопфатна рамка на македонскиот пазар на капитал, што пак ќе придонесе за неговиот развој и усогласеност со законодавството на ЕУ во оваа област, рече министерот пред денешната прва седница на Советот за развој на пазарот на капитал.

Тој додаде дека со донесувањето на новата законска регулатива ќе се обезбеди модерна и софистицирана законска  регулатива, која во целост ќе биде усогласена со европската регулатива, а во исто време ќе го има предвид и сегашното ниво на развиеност на домашниот пазар, не предизвикувајќи на тој начин дополнителни дисторзии на пазарот и следејќи ги во целост неговите специфики.

Советот за развој на македонскиот пазар на капитал е формиран за системско решавање на предизвиците и креирање на една сеопфатна стратегија за идно позиционирање и развој на македонскиот пазар на капитал.

– Сите чинители во Македонија ќе зборуваат за регулативата, предлози за подобрување на состојбата со цел да се започне да се движи и да имаме позтивни поместувања на пазарот на капитал, рече Тевдовски.

Посочи дека за да оди македонската економија напред треба и оваа сфера да биде раздвижена.

Според него, ако пазарот на капитал е добро организиран, тоа позитивно ќе влијае на одлуките на потенцијалните домашни и странски инвеститори да вложуваат во домашната економија, а добро организиран пазар е добро регулиран пазар, посочи Тевдовски.

Советот за развој на пазарот на капитал, со која претседаваше министерот за финансии Драган Тевдовски, а чии членови се и гуверенерот на Народната банка на РМ Димитар Богов, министерката труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на Македонска берза, Комисија за хартии од вредност, Централен депозитар и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), претседателот на Советот на експерти на АСО, претседателите на групациите за банкарство и хартии од вредност при СКМ и директорите на приватните пензиски фондови.

Советот за пазар за капитал ќе се состанува најмалку еднаш во три месеци, по потреба и почесто, а врз основа на заклучоците ќе се подготвуваат инрформации и предлог измени на закони кои ќе се доставуваат до Економско социјалниот совет и Владата на РМ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *