Крајот на јануари е последниот рок за доставување предлози за измени на Законот за медиуми. На денешната дебата на медиумските организации и претставници на Владата, министрите Дамјан Манчевски и Роберт Поповски, беа отворени прашањата дали треба да има вакви измени, за евиденција, регистрација или регулација на интернет медиумите, за процесот на саморегулација и за лажните вести.
Дебатата покажа разлики во ставовите не само меѓу претставниците на Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, од една страна, и претставниците на власта, туку и меѓу самите еснафски здруженија и во однос на тоа дали треба да има измени на законот за медиуми и за интернет медиумите односно порталите.
– Ако произлезе дека нема потреба од измени на законот, нема да ги има, вели министерот за комуникација, транспаретност и отчетност Никола Поповски.
ЗНМ и ССНМ се против регулација на порталите, додека ССНМ, според Тамара Чаусидис, смета дека на Македонија не и потребен воопшто Закон за медиуми. Од друга страна, Здружението на печатени медиуми претставувано од Лирим Дулови смета дека е потребна регистрација на онлајн медиумите со цел да се спречат злоупотреби и закани и да се направи дистинкција меѓу вистинските новинари и оние кои ја злоупотребуваат професијата. Горан Гаврилов од „Канал 77“, исто така, смета дека е потребна регистрација на порталите посочувајќи дека на македонскиот пазар има конфуција што е тоа медиум.
-Регистрацијата на онлајн медиумите треба да ја врши Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вели Гаврилов.
Овој став го сподели и Лазо Петрушевски, кој вели дека регистрацијата на онлајн медиумите треба да има во Централен регистрар и во АВМУ, и додаде дека слични искуства имаат и Германија и Португалија.
– АВМУ има можност за автоматско пребарување на електронски медиуми, а не би имало никаква регулација, посочи Петрушевски.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека има дилеми дали има потреба за измена на Закон за медиумите, проблемот со продуцирање лажни вести во Македонија и регулација на порталите.
– Со години кај нас постојат интернет портали за кои никој не знае кој е уредник, никој не знае кој стои зад нив, сопственици на овие портали се компании регистрирани во офф шор дестинации. Едноставно не постои никаква одговорност. Тие можат да напишат што било, а праксата беше дека нашите мејнстрим медиуми се повикуваа на токму текстови на вид портали. Дали решението и можеби дел од решенија во тој дел од законот да отвориме дебата дали треба секој интернет портал што се регистрира во Македонија да има уредник, дали може треба или не треба да забраниме сопственост на медиум во Македонија да не може да биде регистрирана во офшор дестинација, рече Манчевски.
Министерот Поповски забележа дека оние кои ги изнесуваат најголемите забелешки за измените на Законот за медиуми не се присутни на дебата.
Насер Селмани од Здружението на новинари на Македонија се изјасни против регулација на порталите, истакнувајќи дека повеќе закони значат помалку слобода за медиумите. Потребна е дерегулација на медиумите, порачувајќи дека не треба да влегува во регулација на онлајн медиумите. Праша дали Владата ќе го филтрира интернетот доколку онлајн медиумите се регистрираат на странски домејни. Укажа дека македонските судии не отвораат случаи за говор на омраза доколку е тоа направено на онлајн медиум.
Селмани смета дека проблемите на медиумите треба се решат со саморегулацијата. Побара време медиумските организации да го адресираат прашањето со онлајн медиумите.
-Тоа прашање е регулирано во Советот за етика. Дајте ни врме да видиме кои се тие медиуми или онлајн медиуми што имаат проблем да се регистрираат во Советот, рече Селмани.
Во однос на лажните вести, кажа дека лажни вести е лажна агендата.
-Лажните вести не ги произведуваат новинарите, туку политичарите, бизнис интересите, криминалот…, рече претседателот на ЗНМ.