Анте Томиќ: Од искуствата имаме приказни кои можеме да му ги раскажеме на светот

Познатиот хрватски писател, колумнист и сценарист Анте Томиќ, автор на сценариото за филмот „Устав на Република Хрватска“ кој вчера беше прикажан на фестивалот „Киненова“, денеска во Кинотеката на Македонија одржува мастерклас за трикови во пишувањето филмски дијалози.

Претходно на прес-конференција по повод затворањето на третиот фестивал посветен на дебитантскиот филм, Томиќ рече дека и во Македонија и во Хрватска искуствата на луѓето се исти и може да си ги раскажуваат не само меѓу себе, туку и на светот кој допрва го доживува она што земјите од поранешната држава го поминаа пред 25 години – омраза, насилство, транзиција, сиромаштија, национализам. Поради сличностите на опшстествените контексти, лесно, рече тој, може да се вклучи во секоја овдешна, македонска политичка расправа, зашто истите работи секојдневно ги гледа во Хрватска.

– Иако сме разделени со границите, животите ни останаа доста исти и можеме едни на други да си раскажуваме исти приказни и да се препознаваме во нив. Верувам дека тоа наше искуство – таа национална и верска нетолеранција, е многу корисно во уметноста. Можеме со тоа да му понудиме нешто на светот затоа што ние ги поминавме кризите што светот сега ги доживува – со Трамп во Америка, Брегзит во Велика Британија, со повиците против блискоисточните, сириските и ирачките бегалци во Европа, со цутењето на десничарските движења. Мислам дека ние ним можеме нешто да им раскажеме, зашто ние поминавме низ омраза и насилство. Знаеме како изгледа и како тоа ги уништува општествата и човечноста, рече Томиќ.

Злото, рече, никогаш нема да престане, и мора постојано да се бориме со него. – Никогаш не можеме да кажеме дека сме победиле, а исто така е важно и да се каже: никогаш нема да бидеме поразени, додаде Томиќ.

„Киненова“ вечер ќе заврши со прикажување на бугарскиот филм „Ага“ на режисерот Милко Лазаров. Филмот досега има седум награди на фестивали, меѓу кои и „Срцето на Сараево“ на Сараевскиот филмски фестивал. Беше селектиран и го затвори Берлиналето, на кој по 29 години беше прикажан бугарски филм во официјалната селекција.

Сценаристот на филмот Симеон Венциславов на прес-конференцијата зборуваше за искуствата од  филмот, работен четири години и снимен во Сибир, како што рече на 5.000 километри далеку од земјата-производител и на 30 степени под нулата, што било и најголем проблем за екипата. Филмот добива пофалби за описот на животот во екстремни услови. Токму во Сибир добил награда од публиката во конкуренција на јакутски филмови.

– Навидум е историја што раскажува за локални жители, домородци, за  различни  култури од нашите на Балканот. Но тоа е предниот план. Но сето друго што го раскажува филмот е за животот во нас, за нештата што сме ги изгубиле низ годините и на кои се сеќаваме. Филмот е бавен и не е лесен за гледање, но му овозможува на гледачот да се сврти кон себеси. Далеку е од дефиницијата време и простор, па она што се случува може да се случило и пред 400 години. Филмот, според мене, не е создаден да дава одговори, туку да поставува прашања и да предизвикува емоции. Ако почне да дава конкретни одговори, значи нешто не е во ред, рече   Венциславов.

Пред проекцијата на „Ага“, вечер во кино „Фросина“ ќе бидат соопштени и доделени наградите за најдобрите филмови во двете натпреварувачки програми на третиот меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *