Селото Марул – родното место на Ѓорѓија Гога Атанасоски – дел од убавата Македонија

 

Селото Марул е типично пелагониско македонско село, со куќи изградени од камен и кал, со отворени дворови и со поголемо растојание од куќа до куќа. Црквата во Марул, пак, која остава силен впечаток и се понесуваат убави спомени, го носи името Раѓањето на Света Богородица. Затоа на 21 септември (гроздобер) секоја година доаѓаат голем број верници по потекло од селото Марул.

Беше недела, утро. Рана пролет. Сонцето се појавуваше од далечините на исток кога го напуштив Скопје и се упатив кон Прилеп, каде имав закажано средба со Големиот Џорџ, бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски, кој пред неколку дена допатува од САД. Сонцето, како она од Кутлеш ме мамеше да возам побрзо како да сакав да го стасам некаде на југоисток.

Брзо го поминав Повардарието и Тиквешијата и се најдов на Плетвар. Таму сонцето блескаше со сиот свој сјај. Застанав на паркингот кај селото и го гледав Прилеп кој ми беше како на дланка и Марковите кули, кои како да надвиснале над градот. Небото беше чисто и јасно се оцртуваше хоризонтот. Како на дофат да беше и Крушево, градот на слободата, каде на околните планини се белееше снежна покривка. Од Плетвар имав чувство како Крушево да беше на исто рамниште. Глетка што многумина би сакале да ја доживеат.

Инаку, прилепскиот крај за секој посетител отвора широк хоризонт, се подава со сета своја убавина и е на дофат на секој вљубеник на културните, историските природните, духовните, научните и други реткости. А, за Прилеп и за голем број прилепски села постојат многу стари записи, бројни народни преданија, легенди и други пишани документи.

Така, при посетата и јас реков: „Кој во Македонија ќе дојде, во Прилеп треба да појде,Маркови кули да види, под македонско сонце да биди“. Таму, во тој дел на Македонија е натрупано големо културно богатство. Тоа било создавано со векови и побудува голем интерес за посетителите кои случајно или намерно навраќаат во тој дел на Македонија во текот на целата година.

Затоа, некои патувања не само што го предодредуваат престојот, туку за патеписецот остануваат запишани и запаметени со одредени впечатливи траги. Такво беше моето патување и престојот во Прилеп и посетата на селото Марул, родното место на бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски.

panorama-na-marul
Панорама на Марул

Во Прилеп го посетив хотелот „Сонце ГА“, сопственост на Атансовски каде се сретнав со него и неговиот персонал. Таму се запознав со сето угостителско богатство и кулинарски мајстории создавани трпеливо и мајсторски во текот на постоењето на овој репрезентативен хотел.

Секако, тоа е голем предизвик за секој намерник што по кој било повод и од кои било причини и побуди ќе го посети, сеедно во кој период од годината. Со ширум отворени порти хотелот секогаш пречекува со, безмалку, беспрекорен угостителски ред, каде се вишнеат двете македонски знамиња (државното и знамето со сонцето од Кутлеш), заедно со знамето на неговата втора татковина САД и знамето на Европската унија.

Заедно со Ѓорѓија Атанасовски, неговиот возач и фотографот Драган Лазоски се упативме

од Прилеп кон селото Марул. Тоа е родното место на Атанасоски, кого во селото го викаат Гога Атанасоски, или Танасоски. Интересно беше тоа што сите во селото му се обраќаа со Гога. Селаните од Марул од дете го викале Гога, затоа и за мене во оваа репортажа Ѓорѓија ќе биде Гога, а од тој момент често го ословувам и со тоа име.

По патот од Прилеп до Тополчани Гога ми раскажуваше за тој убав дел на Пелагонија. Особено со одушевување зборуваше за ридот Веслец, кој се вишнее над Марул и е поврзан со детството на Гога. Инаку подножјето на Веслец претставува иднина на новиот пат што ќе ги скрати маките на марулчани да дојдат во Прилеп.

Од патот Прилеп-Битола, кај Тополчани се упативме кон споредниот асфалтен пат кој води кон селото Ерековци, каде живее македонско население. Недалеку од Ерековци се наоѓа селото Канатларци. Тоа е село во кое живее турско население и каде има основно училиште на турски јазик, сместено во убава зграда недалеку од патот.

Интересно е да се спомене дека ова село е познато по лојалноста на турското население, од кое одреден број живеат во Турција, но постојано се враќаат на дедовските огништа. Меѓутоа, најинтересно беше кога дознав дека ова село е поврзано со светот преку директната автобуска линија Канатларци – Истанбул.

На неколку километри од Канатларци, по асфалтниот пат кој води кон селата Подмол и Бонче, од левата страна се дели патот кон Марул. Тој е тесен, неасфалтиран и тежок пат за автомобили, но возачот на џипот немаше потешкотии и три-четирите километри до Марул ги поминавме многу брзо. А, Марул родното место на Гога и неговото семејство како да се скрило во подножјето на Веслец.

Тоа е типично пелагониско македонско село, со куќи изградени од камен и кал, со отворени дворови и со поголемо растојание од куќа до куќа. Во него останале да се палат

оџаци во петнаесетина од четириесетината куќи, колку ги имало во минатото.

Кога влеговме во селото, Гога предложи првин да ја посетиме селската црква. Така, се упативме кон црквата која е лоцирана на највисокиот северен дел од селото. Во дворот од црквата сретнавме десетина луѓе од кои повеќемина живеат во Прилеп, но не ги заборавиле корените.

Како и во многу места во Македонија, така и во Марул, црквата ги собрала селаните во тој македонски храм не само да се помолат на Бога, туку и да се видат, да се потсетат за минатите убави времиња кога селото било живо и да ја покажат и докажат својата љубов кон селото, кон своите дедовски корени. Тука сретнавме неколкумина кои ја режеа лозницата што покрива голем дел од дворот на црквата, неколку жени го чистеа двориштето и помошните простории на црквата, а неколкумина беа во црквата.

Црквата во Марул, која ми остави силен впечаток и од која понесов убави спомени, го носи името Раѓањето на Света Богородица. Затоа на 21 септември (гроздобер) секоја година доаѓаат голем број верници по потекло од Марул кои живеат во различни градови низ Македонија и други места. Од разговорливиот домаќин, кој се грижи за црквата, бев информиран дека таа била изградена во 1859 година, со средства и работна рака на населението на Марул.

Карактеристично за оваа црква е тоа што таа, покрај улогата на верски објект, во текот на Балканските војни, своите помошни простории и црковниот објект овозможила да се користат како болница. Но, за жал присутен е и фактот дека во последните триесетина години, црквата не ја посетило свештено лице од Битолската епархија, каде и административно припаѓале.

Во црквата видовме сочувани фрески и икони, со што таа може да се вброи меѓу позначајните верски објекти во прилепскиот крај. Меѓутоа, вниманието ни го сврте фреската подарена од предците на Гога, како и старата црковна книга која, исто така, е подарок од дедото на Гога.

Потоа ги посетивме и гробиштата на црквата кои се наоѓаат на северниот дел свртени кон ридот Веслец. Интересно е тоа што старите гробови се направени од камен и се покриени со една делкана камена плоча. Заедно со Гога ги посетивме гробовите на неговиот дедо Трајан и прадедовците Стојче и Ризо, како и други гробови на негови покојни роднини.

dzordz9-3
Ѓорѓија (Гога) во селската црква

Инаку, љубезните намерници од селото што ги сретнавме во црквата Света Богородица во Марул беа пресреќни што го видоа нивниот соселанец Гога кого топло го поздравуваа, изразувајќи му љубов и почит. Тие го гушкаа и се радуваа што тој им дошол во селото. Повеќемина го прашуваа како во еден глас и се интересираа за неговата работа во Прилеп и за можностите од вработувања на нивни семејни членови. Исто така, тие се интересираа за здравјето и животот за неговиот татко Алексо, за мајка му Спасија, за братот Јосиф, за сестрата Виолета и нивните семејства, како и за неколку соселани што свиле гнезда во САД.

А, мене како пријател на Гога и дојденец во селото особено се трудеа да ми објаснат за сегашната трагична судбина на селото, кое, за жал, како и стотици други пелагониски и македонски села во сите делови на Македонија се испразниле. Ми раскажуваа за детството на Гога кој бил сакан и уважуван меѓу своите врсници, а со нив Гога како дете одел да го пасе семејниот добиток.

Тие благородни, но измачени селани ми раскажуваа за минатото на селото кога во него живееле околу 400 жители, кога имало илјадници овци и говеда и кога полето било насадено со лозја, овошки и други култури. Ми раскажуваа за мајсторството на предците на Гога во правење воденични камења кои се продавале во повеќе пелагониски села.

Продолжува

slave-katin-nova2
Пишува; СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *