Во Сиднеј, Австралија излезе од печат книгата „Каменот од Роби“ темелник на истоимената театарска претстава

Во издание на Македонското литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј излезе од печат книгата „Каменот од Роби“ од познатиот и признат македонски автор – Битолчанецот Душан Ристевски кој живее и твори во Сиднеј, Австралија. Ова дело кое е посветено на трагедијата од селото Роби или Р’би, во Долна Преспа, има текстови на македонски и на англиски јазик, во превод на Ристо Стефов, а е издадено по повод 70-годишнината од егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија, а во пресрет на Петтата средба на децата бегалци (избркани) од поробениот дел на Македонија. Издавањето на ова дело е финансиски помогнато од Австралиско – македонскиот театар од Сиднеј, кој истоимената монодрама премиерно ја прикажана во Сиднеј во февруари 2018 година, во изведба на Валентина Апостоловска и Антонио Нешковски.

Во книгата „Каменот од Роби“,се поместени три верзии на монодрамата и тоа на македонски литературен јазик, на лерински дијалект и на англиски јазик. Потоа на македонски и на англиски јазик се дедени кратки осврти на најновото драмско дело на Душан Ристевски „Паља – Македонка“ од доцент м-р Трајче Кацаров. Посебно внимание привлекуваат поместените текстови „Егзодусот на македонските деца од поробениот егејски дел на Македонија“, кои се на македонски и на англиски јазик, од Ристо Срефов, познат и признат писател од Торонто, Канада.

Исто така. во делото „Каменот од Роби“ се поместени на македонски и на англиски јазик литературни остварувања на Душан Ристевски и тоа: песната „Средба“, која е посветена на Средбата на децата бегалци во Скопје, во 1988 година, а објавена и во книгата „Страдалници на сонот“ (1992), како и песната „Егејот во мене“, објавена и во книгата „Украдени мисли“ (2011).

Театарското дело „Каменот од Роби“ е посветена на децата избркани од поробениот Егејски дел на Македонија, но за да биде и како потсетник на трагедијата на Македонија која со таканаречениот Преспански договор, се сака да се избришат од македонската историја и да се „заборават“ Македонците во поробениот дел на Македонија.

Инаку, издавачот на ова дело – Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија е формирано во април 1978 година. Во него членуваат голем број ентузијасти и вљубеници во пишаниот збор од Сиднеј и околните градови, а има одреден број и почесни членови од македонската дијаспора и од Република Македонија, меѓу кои и авторот на овие редови, Славе Катин. Ова литературно друштво е поборник за зачувување на македонскиот јазик, литература и култура на петтиот континент – Австралија.

Друштвото од самиот почеток превзеде водечка улога во негувањето на македонскиот јазик преку издавање на списанието „Повод“, организирање на наградни конкурси за „Прличева награда“, издавање книги од членови и формирањето на библиотеката „Григор Прличев“. Од почетокот Друштвото ја превзеде улогата на организатор на манифестациите „Денови на македонската култура“ и „Филмскиот фестивали“.

Во изминатите 40 години на плодна работа на друштвото „Григор Прличев“, посебен акцен е ставен на организирање изложби, семинари, конференции, поетски средби, театарски вечери, јавни протести, дебати и издавање писмени ноти во борбата за зачувување на македонскиот идентитет, барање човекови права за Македонците во поробените делови на Македонија и апели за поддржка на правото за самоопределување на Македонците во Австралија, како и да се запре дискриминаторската политика спрема Македонците во етничка Македонијана.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *