УСАИД ќе ја засилува меѓуетничката кохезија меѓу младите во Струмица

Зајакнување на меѓуетничката кохезија меѓу младите и развој на демократските и граѓанските однесувања е главната цел на петгодишната иницијатива која ќе се спроведува во рамки на Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието преку УСАИД во партнерство со Министерството за образование и наука, како и клучните образовни институции во општините и училиштата низ Македонија, беше истакнато на средбата меѓу градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски со проектниот тим.

– Преку програмата за мали грантови, Проектот ќе поддржи активности кои придонесуваат за интеракција и соработка, а истовремено и за развивање на демократски вредности кај младите од различни етнички заедници. Како дополнителен стимул за училиштата и заедниците да учествуваат во вакви активности, преку програмата за реновирање на училишта ќе се подобри средината за учење во училишните објекти, вели Небојша Мојсоски, програмски директор на Македонскиот центар за граѓанско образование.

Локалните власти велат дека се отворени за сите иницијативи и предлози за подобрување на условите на воспитно-образовната дејност.
– Општина Струмица има добри практики во реализацијата на проектни активности од областа на меѓуетничката интеграција и преку формираната комисија за планирање, реализација и следење на активности за меѓуетничка интеграција во образованието во овие процеси се вклучени сите основни и средни општински училишта, истакна градоначалникот Јаневски.Струмица е вклучена во проектот како пилот општина со четири основни и едно средно општинско училиште.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД). Имплементатор на проектот е Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *