„Зачекори напред“ ги повикува граѓаните да го искористат своето право на глас

Граѓанската иницијатива „Зачекори напред“,  денеска при завршувањето на граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој!“, ги повикува граѓаните на 30 септември да излезат и да го искористат своето право на глас, за едно од најважните прашања во поновата македонска историја.

Граѓанската иницијатива во изминатите три недели, на граѓаните им овозможи пристап до релевантни информации за придобивките и предизвиците од зачленувањето во Европската Унија и НАТО, како и за договорот со Грција.

Исто така, повикува граѓаните да го прочитаат Договорот од Преспа и дополнително да се информираат за сите детали врзани за референдумот.

На интернет-страницата на иницијативата „Зачекори напред!“,  (zacekorinapred.mk), граѓаните можат да најдат детална анализа на најважите членови од Договорот во Преспа, да прочитаат бројни информации и анализи од сферата на економијата, здравството, земјоделството, владеењето на правото, заштитата на човековите права, образованието, животната средина, како и да ги пронајдат одговорите на најчесто поставуваните прашања за ЕУ, НАТО и Договорот.

Сите овие информации  ќе им помогнат на граѓаните подобро да се информираат и врз основа на тоа да изградат сопствен став и да донесат сопствена одлука.

Носители на граѓанската иницијатива се: Фондација Отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Младински образовен форум (МОФ), Цивил – Центар за слобода, ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Рурална коалиција, Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА и Центар за современи уметности.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *