Во Токио одбележан Денот на независноста

По повод Денот на независноста на Република Македонија и 25 години од дипломатските односи помеѓу Македонија и Јапонија, синоќа во Токио се одржа свечен прием.
На свечената пригода, како што соопштија од Амбасадата на Македонија во јапонската престолнина, беше одбележано и успешното завршување на четиригодишната мисија на првиот амбасадор на Република Македонија во Јапонија, др. Андријана Цветковиќ.
На настанот пригодно обраќање имаа амбасадорката Цветковиќ, парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија, Манабу Хории и претседателот на Комисијата за надворешни работи при Домот на претставници, Јасухиде Накајама, кој до неодамна беше државен министер за надворешни работи и е член на парламентарната група за соработка помеѓу Република Македонија и Јапонија.
Како што соопштија од македомската Амбасада, амбасадорката Цветковиќ изрази задоволство од крупните успеси постигнати на полето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Јапонија, истовремено изразувајќи очекување за нивно понатамошно унапредување во периодот што следи.
Меѓу најзначајните постигнувања таа ги наброја отворањето на Амбасада на Јапонија во Република Македонија, формирањето на Парламентарната група за јапонско – македонска соработка во јапонскиот Парламент – Диет, возобновувањето на Друштвото за јапонско – македонско пријателство, десетината потпишани меморандуми за соработка меѓу македонски и јапонски универзитети, видното зголемување на бројот на јапонски туристи, проектите за специјализација на македонските доктори во јапонските болници, како и други успеси на полето на економската, и културната соработка.
Парламентарниот заменик министер за надворешни работи, Манабу Хории, упати честитки по повод Националниот ден на Република Македонија, заблагодарувајќи се за успесите постигнати од страна на амбасадорот Цветковиќ за понатамошното доближување на двете земји. Нагласи дека наредната година се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Македонија и Јапонија, изразувајќи надеж за понатамошно продлабочување на  соработката во периодот што следи.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи при Домот на претставници, Јасухиде Накајама изрази надеж дека амбасадорот Цветковиќ ќе продолжи да биде мост помеѓу двете земји и нагласи дека иако е најмладиот амбадсадор во Токио таа е најактивниот амбасадор со многу креативни начини да ја промовира својата земја.
Претседателот на Парламентарната група за јапонско – македонска соработка, Таимеи Јамагучи упати порака со честитки за Националниот празник и благодарност за залагањата на амбасадорот Цветковиќ за формирањето на парламентарната група.
Почесниот конзул и претседател на Друштвото за јапонско – македонско пријателство, Масатаке Мацуда, упати порака со честитки по повод Денот на независноста на Македонија. Тој нагласи дека возобновувањето на Друштвото за јапонско – македонско пријателство на иницијатива на Цветковиќ е многу значаен чекор за понатамошно зближување на македонскиот и јапонскиот народ, културна размена и збогатување на знаењето за двете земји.
На приемот присуствуваше и министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија, Јошимаса Хајаши, кој се заблагодари на амбасадорот за унапредување на академската соработка.
На приемот присуствуваа многу носители на високи општествено-политички функции, како и високи претставници на бизнис заедницата, заменик министерот за надворешни работи на Јапонија, Такео Акиба, ќерката на Кензо Танге, македонски граѓани кои живеат во Јапонија, како и голем број пратеници од Домот на советници и Домот на претставители при јапонскиот Парламент – Диет, дел од кои се членови на Парламентарната група за јапонско – македонска соработка.
Амбасадорката Цветковиќ на приемот носеше кимоно кое е специјално дезајнирано да ја претставува Република Македонија, илустрирајќи на свила дел од историските и природни убавини на Македонија, меѓу кои црквите Св. Јован Богослов – Канео, манастирот Св. Наум Охридски, Kамениот мост, Кензо Танге и др. Кимоното е подготвено од страна на дизајнери од Кјото и е дел од кимоно проектот “Imagine one world”. Проектот е поддржан од страна на Јапонската влада и опфаќа изработка на кимона од различни земји во светот кои ќе бидат презентирани на церемонијата на отварањето на Олимписките игри во Токио во 2020 година.
Настанот беше збогатен со културна програма, во рамки на која македонска музика изведе челистот Пере Јованов. Се служеше македонска храна и вино.
Настанот го проследија истакнати јапонски медиуми меѓу кои и Japan Times, Japan News, NHK и др.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *