Владата ќе го продава блиндираниот мерцедес и со парите ќе набавува медицинска опрема

Владата ја почна процедурата за продажба на блиндираниот мерцедес, а со средствата од продажбата ќе набавува неопходни и приоритетни материјали и болничка опрема за клиничките центри  и некои други здрвстени установи во земјава.

– На вчерашната седница Владата ја усвои одлуката со која мерцедесот, кој беше во сопственост на МВР, премина во трајно владение на Службата за општи и заеднички работи на Владата. Тоа е почеток на постапката за негово понатамошно отуѓување и заменување на неговата вредност со болничка опрема, процес кој ќе се случи во наредниот период, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција.

Тој истакна дека во моментов се знае дека мерцедесот чинеше 600.000 евра, а реалната вредност ќе се утврди во понатамошната постапка.

– Во согласност со таа вредност ќе се утврди кои се потребите на клиничките центри во земјава, а можеби и во некои други здравствени установи и врз основа на тоа ќе бидат набавени неопходни и приоритетни материјали, прецизира Бошњаковски.

Прашан дали се планира набавка на ново возило за високи гости и во што ќе се вози премиерот Зоран Заев, Бошњаковски рече дека премиерот никогаш него користел мерцедесот.

– Мерцедесот на дневна основа воопшто не бил користен. Во моментов нема да се набавува ново возило, а премиерот ќе се вози во службените возила кои сега се користат. За безбедноста, пак, на високите гости и делегации кои доаѓаат во земјава беспрекорно се грижи МВР и тука нема никакви отворени дилеми, посочи Бошњаковски.

Прецизира дека постапката за продажба на мерцедесот е започната, а, како што рече, ќе видиме каде ќе не одведе и во која форма ќе заврши.

– За се транспарентно ќе информираме во оној момент кога ќе се утврди, потенцира Бошњаковски.

На прашањето дали е консултирано СЈО за отуѓувањето на мерцедесот бидејќи се користи како еден од доказите во постапките што ги води Обвинителството, Бошњаковски рече дека тоа се подразбира и додаде дека во моментов мерцедесот не е отуѓен, туку само формалноправно му е сменета сопственоста.

– Сигурно е дека истрагата нема да биде нарушена во ниту еден момент, рече Бошњаковски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *