Влезот во ЕУ и НАТО придобивка за земјоделството

Македонското земјоделство мора да креира сопствен бренд, да нуди постојан, стандардизиран квалитет и да биде крајно сериозно кога е во прашање пласманот ако сака да биде конкурентно на европскиот пазар. При евентуален влез во ЕУ,  доматите, пиперот, краставицата и компирот се производите со кои уште веднаш би можеле да се пробиеме. Потенцијални сектори се и лозарството и овоштарството. Предиспозиции, велат производителите, има многу, но треба да се почитуваат принципите и, пред се, барањата на потрошувачите.

Во однос на претстојниот рефрендум, ставот на земјоделците е идентичен: дека не треба да се подлегнува на политичките манипулации, туку да се излезе на гласање и секој да се изјасни согласно својата определба и размислување. Членството во ЕУ и НАТО, според нив, ќе значи повеќекратен бенефит: многу поголем пазар, полесен пристап до финансии, бесцарински зони и слободен проток на стоки. Некои дури очекуваат, поради евентуално подобрување на условите, инфраструктурата и технологијата, младите да се вратат во селата и да ја продолжат традицијата.

– Политичарите нека си ја тераат работата. Ние треба да го гледаме референдумот од економски аспект. На гласање треба да се излезе во секој случај. И половина да добиеме од она што викаат за европските фондови, ќе биде добро. Од друга страна, пазарите се отвораат, ќе имаме бесцарински зони и слободен проток на стоки што ни одговара. Клучно е да се престроиме во однос на производството, да ја почитуваме пазарната економија, да ги зголемиме продуктивноста и квалитетот за да бидеме конкурентни, смета претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.

Квалитетот на производите, истакнува Шаклев, мора да е постојан, да не се менува, мора да стекнеме доверба кај европските купувачи.

– Само со квалитет и зголемена продуктивност може да бидеме конкурентни. Не смееме да се занесуваме дека Европа ќе купува фалш роба, таа ќе помогне финансиски, но наше е парите да ги искористиме наменски. Тоа што само 10 отсто успеавме да повлечеме од ИПАРД 1 е лошо искуство што мора да се надмине. Џабе ќе ни дават пари, ако не знаеме да ги искористиме, потенцира Шаклев.

Според претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во струмичкиот регион Ристо Велков, факт е дека членството во ЕУ и НАТО ќе значи придобивка за земјоделството.

– Ќе има голем пазар, ќе бидат поголеми субвенциите и пристапот до фондовите ќе биде полесен. Би требало со тоа да почнат и младите да се враќаат во земјоделството. Таков е и мојот личен пример. Јас на неполни 20 години почнав да се занимавам со земјоделство зашто тогаш пазарот беше 22 милиона жители, имаше добра цена и добар профит. До денес, еве, 27 – 28 години тоа го работам, вели Велков.

Тој нема дилема дека Македонија може да понуди здраво и квалитетно производство, но за тоа е неопходен правилен пристап.

– Нашиот земјоделец е неедуциран, а новата технологија бара нов начин на производство. Затоа ќе биде полесно ако се вклучат младите. За да бидеме, пак, успешни на европскиот пазар, мора да се придржуваме на правилата на игра, да следиме што се бара и тоа да произведуваме, дополнува Велков.

Претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров е скептичен околу конкурентноста на македонското земјоделство, најмногу поради малите, расцепкани површини.

– Што ќе направите со 1,5 хектар расположлива површина по домаќинство?, забележува Тантаров.

Тутунарите на ниво на нивниот сектор посебен бенефит од членството во ЕУ не очекуваат, но сметаат дека да се биде дел од европското семејство ќе значи многу за земјоделството.

– Факт е дека земјите од соседството што се дел од ЕУ се далеку понапред од нас. Се надеваме дека ќе се приближиме до нив. Унијата генерално вложува многу повеќе во земјоделството отколку во другите сектори. Оттука, позитивен ефект од членството сигурно би имале, нагласува претседателот на Сојузот на тутунските здруженија Кире Неделковски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *