Француска поддршка за европска Македонија

Франција преку пораките на претседателот Емануел Макрон, почесниот амбасадор Ален Ле Роа и амбасадорот на оваа земја во Македонија Кристијан Тимоние во изминатите денови искажаа поддршка за европската интеграција на земјата, повикувајќи ги граѓаните да гласаат на претстојниот референдум на 30 септември.

Францускиот претседател Емануел Макрон преку видео порака вчера им се обрати на македонските граѓани во која вели дека договорот со Грција овозможува иднина за земјата и оти верува во мудроста на граѓаните.

– Дами и господа, драги пријатели, ќе Ви одземам малку од Вашето време за директно да ви се обратам. Веќе 25 години нашите две земји негуваат дипломатски односи. 25 години заедничко минато и поврзани судбини меѓу нашите народи, чии корени се длабоко вкоренети низ вековите. Во тој поглед, во последните години беа направени многу нешта, но на 17 јуни 2018 година се направи голем исчекор. Исчекорот беше направен со храброста на вашите лидери, меѓу Вашата земја и Грција, со кој се стави крај на 27-годишниот спор. Таа т.н. „Спогодба од Преспа“ од 17 јуни 2018 година, овозможува напредок и подготовка на иднината. Референдумското прашање на 30 септември оваа година се однесува токму на таа спогодба, вели Макрон во пораката.

Запознаен сум, продолжи тој, со сите полемики кои се водат и кои се дел од демократската дебата во земјата.

– Но, јас од овде бидејќи верувам во нашиот континент, во силата на Европа во моќта на колективната удрост и во заемната соработка, би сакал да се обврзам и да Ви кажам во што верувам. Знам дека ни еден договор не е совршен. Знам дека за едните истиот не е доволно долгорочен, а за другите дека поинаку би го испреговарале. Ги слушам сите критики кои се кажани. До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но, на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на Вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно! Сметам дека истиот има централно место во плановите за иднината на земјата. Тој е и суштината на амбициите за Вашата младина и на тоа што може да го направиме заедно во годините што следатм вели францускиот претседател.

Макрон посочува дека тој е одлуно „за“ и цврсто верува дека овој договор е добар за нашата земја.

– Вие треба да изберете и да се одлучите дали сте за промена на Уставот или не, за Спогодбата да стане важечка. Да станете Северна Македонија, согласно Спогодбата. Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За Вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на Вас, истакна францускиот претседател во видео пораката.

Ден претходно на панел-дискусијата „Реформи, референдум и евроатлантски-интеграции на Република Македонија“, во Министерството за надворешни работи  беа изнесени пораките од Франција дека спогодбата не е совршена, но е важна и дека сите што и мислат добро на иднината на Македонија ќе излезат на референдумот и ќе донесат одлука што ќе ја приближи и до ЕУ и до НАТО.

Почесниот амбасадор на Франција Ален Ле Роа, кој беше во посета на Скопје, истакна дека договорот не е совршен, но го отвора патот кон ЕУ и НАТО. Тој рече дека дошол во Македонија затоа што земјата е пред силен историски момент и оти интересот на сите странски претставници кои доаѓаат да го искажат своето мислење е знак и на внимание и на пријателство, но никогаш знак на закани.

– Постои едногласност во рамки на ЕУ и тоа беше напишано во рамки на одлуките од Европскиот совет. Постои едногласност за поддршка на Преспанскиот договор, рече Ле Роа.

Македонија, како што кажа, беше една од земјите на Балканот, што прва го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација и во 2005 година и беше доделен статус на земја кандидат.

– Главната пречка сите овие 25 години е прашањето за името и сега ако постои можност да се надмине таа кочница, очигледно е дека ЕУ и Европејците ќе ве поддржат, рече Ле Роа.

Францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние, рече дека Македонците сега имаат вистинска шанса, особено во текот на идната недела, и дека се способни да направат одредени жртви.

– Зборувам со Македонците и знам дека сето ова воопшто не е едноставно, но треба сите да размислуваат и за идните генерации. Можеби директно, но ќе ви кажам. Изборот е Северна Македонија или Северна Кореја. Треба да знаете што ќе изберете, рече Тимоние на панел-дискусијата „Реформи, референдум и евроатлантски-интеграции на Република Македонија“. Посочи и дека треба да се продолжи со реформите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *