Успението на Пресвета Богородица претставено во средновековните ракописи

prespa9-1

УСПЕНИЕТО НА БОГОРОДИЦА ПРЕТСТАВЕНО ВО СРЕДНОВЕКОВНИ РАКОПИСИ

Тиквешкиот текст потекнува од 15-от век. Најстар препис, и тоа јужнословенски, открил и објавил А. Попов од 13-от век, како и еден најстар руски препис од 14-от век. Епизодата со Евреинот кој сакал да го симне одарот, и на кого му биле отсечени, а потоа вратени рацете од Богородица, се среќава и во елинските (грчките) верзии, кои преминувале кај нас. Еден таков целосен текст објавил Тишендорф.

Овој настан влегува и во чудата на Богородица, што говори и за големата популарност среде нашиот народ. Чудата на Богородица се внесени во канонските дела, во средновековните книжевни жанри, во народното творештво, и на Исток и на Запад. Иванка Петровиќ, научник која се занимавала подолгорочно со чудата на Богородица, не случајно забележува:

„Се чини дека чудата на Богородица немаат татковина и најверојатно ќе остане напразен обидот таа да се пронајде. Тие му припаѓаат на целото христијанство. Едно е, сепак, потполно сигурно: Богородичните миракули се западноевропски вид. Франција има најмногу право да се нарече, ако не лулка, но барем расадник на Богородичните чуда.” И уште еден факт останува зацврстен: распространетоста на чудата на Богородица во сите западни и источни средини ги чини заеднички, како што е случај со повеќе средновековни жанри.

Овој настан оставил уметнички траги во македонската средновековна иконографија и фрескосликарство. На прв план треба да ја апострофираме охридската композиција во црквата Света Софија, на западниот дел од калотата, посебно претставена од Ц. Грозданов. Во неа апостолот Тома е одвоен од другите апостоли и стои над гробот.

Во охридската Богородица Перивлепта, Тома и Богородица се среќаваат во облаците и Пресветата му го подава својот појас. Овде се среќава и сликата на Евреинот со пресечените раце. Мотивот се среќава на икона од охридската црква Свети Никола Геракомија од 14-от век, потоа во икона од 16-от век, изработена од Димитар Зограф од село Леуново (сега се чува во Музејот во Битола), итн.

За разгранетиот и длабок култ на мајката Божја во Македонија говорат и големиот број цркви што го носат нејзиното име. Вакви градби, постари и понови, постојат над 130. Нив ги има во сите делови на Македонија. Меѓу нив, според старината и значењето ја апострофираме Света Богородица Елеуса, во селото Вељуса, Струмичко.

Се смета дека црквата била изградена во 1080 година од струмичкиот епископ Манојло. Според легендите од овој крај црквата била изградена и пред оваа година од страната на светите Кирил и Методиј. Во Дебар во 1018 година бил подигнат манастир со името Света Богородица. Лесновскиот манастир имал два скита именувани со нејзиното име. Интересна градба е и црквата Воведение на света Богородица во селото Кучевиште, Скопска Црна Гора (12-13 век).

prespa9-2
Библиска карта

Посебен интерес предизвикува и црквата Света Богородица над селото Лешок – Тетовско. Потсетува на најстарите цркви изградени во Охрид и Преспа. Некои историчари на уметноста сметаат дека нејзината старост е на ниво на основањето на Охридската архиепископија. Од 13-от век потекнуваат црквите со нејзиното име: црквата во селото Сушица – Скопско, во Македонски Брод, во Матка – Скопско.

Посебна важност има црквата Света Богородица – Челница во Охрид (до Мали Свети Врачи), потоа црквата во близината на селото Пештани – Охридско, црквата Света Богородица Панданоса во Петрич, Пиринска Македонија, а во селото Пишкопеја (денес во Албанија) нејзината старина не води до 11-от век.

Познати се уште: Св. Богородица Пречиста во Прилеп, манастирот Успение на Света Богородица (Роженски) до градот Мелник, од 12-от век, манастирот Успение на Света Богородица до Сисаниј, Егејска Македонија, Света Богородица Троеручица во Скопје, друга црква во Скопската тврдина, Света Богородица Тетовска од 12. век, Света Богородица во селото Трново, Битолско, итн.

Меѓу ретките развиени манастирски центри со стара традиција и формирање на богато ракописно наследство, се истакнува Света Богородица Пречиста, Кичевско, познат и како Крнински манастир. Потекнува од 14-от век, а низ вековите бил доградуван, обновуван и палена. За време на отоманското владеење во него се препишувале значајни словенски ракописи.

Во 1848 година дебарскиот грчки владика Мелетиј наредил да се запалат сите ракописи што ги видел во манастирот. Во него постоела и Школа за свештенички кадар, a во него престојувале и македонските просветители Јоаким Крчоски и Кирил Пејчиновиќ. Во него бил пронајден и познатиот Крнински дамаскин од 16-от век, кој денес се чува во Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков”.

И во црквата Света Богородица во Охрид била позната „Лествицата” на Јоан Лествичник, во 1360 година. Во неа биле извршени и други значајни преписи. Во овој поглед не заостанува и црквата Света Богородица – Елеуса, во која настанале 4 значајни евангелија и 64 разновидни црковни книги. За жал, низ вековите од долгорочните покори што биле вршени во Македонија исчезнувале вредните македонски ракописи.

Македонските цркви и манастири влегуваат во светското уметничко богатство, со иконографијата и живописот што го содржат, или го содржеле некогаш. Патината на времето оставила траги, а реставрираните дела го привлекуваат вниманието на сите оние кои ја вреднуваат средновековната уметност во Македонија. Еден поопсежен осврт на уметничкото македонско наследство прават делата на светските и македонските историчари на уметноста и археолозите.

Можеби најсоодветни прегледи за уметничките дела со ликот, појавата и настаните од животот на дева Марија, Богородица (Болничка, Влахернитиса, Душеспасителка, Елеуса, Епискепсис, Знамение, Оранта, Молителка, Параклиса, Пелагонитиса, Страсна, Царица, Перивлепта), кои говорат за силно одразениот култ во Македонија, даваат студиите на Цветан Грозданов, Петар Миљковиќ – Пепек и други. Извонредните зографи Михаил и Евтихиј ги насликале фреските во прочуената охридска црква Богородица Перивлепта од 1295 година (денешен Свети Климент).

Според областите во Македонија, во културно-историските споменици на Македонија влегуваат посебно и црквите со името на дева Марија: Скопско: во селата Кучевишта, Сушица, Дивле; Штипско – Струмичко, Злетовско: во селата Велјуса, Пирог, Злетово, Ново Село; Битолско, Прилепско: во селата Дреново, Варош, Трново, градот Битола; Тетовско, Гостиварско: во селата Лешок, Сенце; Охридско, селата Пештани, Калишта, Велестово, во градот Охрид.

prespa9-3
Св. Богородица Елеуса во Струмица

Во Македонија низ вековите се граделе карактеристични мали, т.н. пештерни цркви. Нив посебно ги има долж охридското езерско крајбрежие. Гоце Ангеличин – Жура ги опишал токму овие, од охридскиот и струшкиот регион. Од постојните десет пештерни цркви веќе четири и се посветени на Пречистата Богородица. Трите од нив потекнуваат од 14-от век, а четвртата – од 16-от век.

Меѓу нив е охридската пештерна црква Воведение на Света Бо-городица во храмот, во Канео. Оваа црквичка се наоѓа во карпа под познатата охридска црква Свети Јован Богослов во Канео. Во оваа мала црквичка порано се одвивал монашки живот, со центар во погорната црква. Во неа се наоѓа интересна фреска со настанот воведување на Богородица во храмот (4 декември н.с).

Постарите жители се сеќаваат дека оваа месност од населението секогаш била нарекувана „Пречиста”. Во центарот на фреската се насликани Јоаким и Ана со малата дева Марија. Десно од нив е пророкот Захарија. Фреската, или зачуваните делови од неа, го откриваат стилот на палеолозите, а покажува сличности и со Света Богородица Пештанска. Според податоците што ги оставил Кузман Шапкарев, можно е оваа пештерна црква да ја изградил за сопствено монахување монахот Иларион, со потекло од Дебар.

Во денешниот камп Градиште, на 12 км од Охрид, се наоѓа пештерната црква Света Богородица од 14-от век. Во наосот е насликана композицијата Деисис со Исус, Богородица и Јован Крстител. Насликана е и композицијата на Благовестието, а на северната страна од западниот ѕид – Успението на Богородица. Самата црква покажува знаци дека таа имала многу пошироко значење во изминатиот период.

Близу селото Велгошти, Охридско, се наоѓа пештерната црква Света Богородица, сместена во карпа со неправилна форма на планината Петрино. Во олтарниот дел е насликана света Богородица со Исус Христос.

Во Селото Калишта до Струга се наоѓа манастирот посветен на Рождество Богородичино. Во олтарот е насликана Богородица со Исус Христос. Насликани се и старозаветни теми. Во проскомодијата се наоѓаат имињата на двајцата охридски зографи: Јован и Ангеле. Анализата открива живопис од 16-от век и тоа со ликовите на свети Кирил Филозоф и свети Климент Охридски.

Продолжува

Пишуваат:
Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ  и
СЛАВЕ КАТИН

3 thoughts on “Успението на Пресвета Богородица претставено во средновековните ракописи

  1. You didn t say how often and qty your taking it viagra priligy The assembly of the vector is then done from isogenic NMDAR gene fragments cloned in bacterial artificial chromosomes BACs using high fidelity long range PCR reactions

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *