МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ СО СТАБИЛНИ ФИНАНСИИ

Како пандан на финансиската конструкција на Работнички, кому Општина Центар ќе му даде 490 000 евра, излегоа повици до општина Аеродром цврсто да застане зад МЗТ Скопје Аеродром. Од клубот, соопштија дека Општината која е најголем акционер во клубот, како и минатата година и оваа ќе издвои 200 000 евра, но дека клубот не се потпира само на тие средства, туку има и годишни договори со постојани спонзори, така што финансиската конструкција за следната сезона е заокружена и дека е сосема стабилна.

-На сите душегрижници им порачуваме дека МЗТ Скопје Аеродром и следната година ќе има доволен буџет за остварување на амбициите, кои секогаш се највисоки. Тоа значи дека и следната сезона ќе одиме на двата домашни трофеја, а ќе се обидеме што е можно подобро да се претставиме во АБА-лигата, каде што долги години сме олицетворение на се што е добро во македонската кошарка – се вели во соопштението на МЗТ Скопје Аеродром.