– Македонското друштво „Илинден” со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо, искажуваат голема благодарност до владите на Македонија и Албанија, за одлуката граничниот премин Џепште-Требиште, кај Дебар да работи 24 часа.
– Во име на Македонците и другите жители на областа, ја поздравуваме одлуката донесена на заедничката седница на Владите на Македонија и Албанија, одржена во Подградец, граничниот премин Џепиште – Требиште во областа Голо Брдо да работи 24 часа за сите граѓани, а не како досега само за локалните жители од двете страни на границата, со одредено работно време, стои во соопштението на друштвото.
Тоа, се оценува, ќе биде од голем интерес за жителите на Голо Брдо, бидејќи сега работи со ограничено време и создаваше проблеми во комуникацијата и патувањето.
– Со ова ќе му се помогне на населението од областа Голо Брдо бидејќи ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, со што економски ќе зајакне и ќе се развива оваа област. Воедно, ги повикаме сите да дојдат и да ја посетат областа Голо Брдо која изобилува со природни убавини, се наведува во соопштенето на МД „Илинден“.
Граничниот премин Џепиште-Требиште беше пуштен во функција во мај 2013 година, а полициско-царинските служби сместени се во еден објект.
Во просек дневно истиот го минуваат по двеста патници, бидејќи право да минат преку овој премин имаа само локалните жители од областа Голо Брдо и дебарскиот регон. По стапувањето во сила на одлуката оваа преубава област ќе имаат можност да ја посети секој намерен или слуачен патник.