Наградата „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ годинава не може да биде доделена

Државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ за 2017 година не може да биде доделена поради тоа што Комисијата за избори и именувања и македонското Собрание не распишале Конкурс и не ги спровеле постапките за избор на наградените, поради одржувањето на локалните избори, соопшти Министерството за култура.

Посочуваат дека заради навремено реализирање на постапката за доделување на наградата преку Одделението за државни награди покренале иницијатива за именување нов состав на Одборот за доделување на државната награда  “Мито Хаџи Василев – Јасмин” на 21 август годинава.

Но, додаваат од Министерството, со оглед на фактот дека во почетокот на август беа распишани локалните избори, а според укажувањата на Државната комисијата за спречување на корупцијата, Собранието на РМ ги прекинало парламентарните седници и комисиските расправи се до завршување на изборниот период.

– Со тоа се пробиени законските рокови и за конкурсот, што според Законот треба да трае од 1 до 31 октомври, како и за донесување Одлука од страна на Одборот. Поради овие причини, наградата  “Мито Хаџи Василев – Јасмин” во 2017 година нема да биде доделена, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Мандатот на  претходниот Одбор за доделување на оваа државна награда завршил на 9 јуни 2017 година. Претходниот состав на Собранието на Република Македонија, на 9 јуни 2015 година донел Одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда  “Мито Хаџи Василев – Јасмин” со времетраење на мандатот од две (2) години.

Министерството за култура очекува во најскоро време Собранието на РМ да го спроведе изборот на членови на Одборот за доделување на оваа државна награда, со што нејзиното доделување за наредната година нема да биде доведено во прашање.

Државната наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ се доделува на поединци за остварувања во областа на публицистиката и новинарството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *