Соопштение за јавност за ставот на Панос Каменос

Почитувани,

Во врска со ставот на лидерот на Грчката партија „Независни Грци“ и актуелен Министер за одбрана, Панос Каменос, дека нема да прифати терминот Македонија да биде дел од името на нашата земја, повикувајќи се на средбата на партиските лидери од 1992 која се одржа под покровителство на тогашниот Претседател Костас Караманлис, кој ова го повтори вчера при посетата на воениот камп„ Далипи“ во Солун, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Бидејќи, после вчерашната средба со Унгарскиот Министер за надворешни работи Петер Сијарто, домаќинот Никола Димитров, во врска со спорот за името и динамиката на неговото евентуално решавање, соопшти дека „сцената е поставена…“, сметаме дека е нужно да ни одговори во име на Владата, кој дел од „поставена сцена“ е радикалниот и ултранационалистички став на Панос Каменос, коалициониот партнер на Грчкиот Премиер Алексис Ципрас, кој актуелниот Премиер Зоран Заев планира да го посети на почетокот на новата 2018 година.

Додека на големо се лицитира со имиња како „Нова Македонија“, додека првенците на ДУИ систематски ја ослабуваат преговарачката позиција на актуелната Влада со ставот дека нема потреба од референдум и дека името „Нова Македонија“ е прифатливо за нив како коалиционен партнер, додека актуелниот Премиер и Министер за надворешни работи изјавува дека е подготвен да преименува аеродроми, автопатишта, да отстранува споменици, да менува учебници по историја, да се откажува од античките корени, да ги исполни Грчките хирови, Владата во Атина ни испраќа уште студен туш. Бадијала еуфорија, подигнати очекувања, официјална Атина нема да попушти од својот став – без променето име и откажување од Македонскиот идентитет, нема решение за спорот, ниту членство во ЕУ и НАТО Алијансата. Тоа е суровата вистина!

Во меѓувреме сервилната надворешна политика и штетите од Договорот за добрососедство со Бугарија ги покажува негативните последици, за кои одамна предупредуваме. Иако Владата на Зоран Заев, непочитувајќи го секуларниот карактер на Државата, застана и го поддржа барањето на Светиот Синод на МПЦ-ОА до Бугарската Патријаршија да ни биде црква – мајка, сега после писмото на Грчката Црква никој не соопштува кој во Македонија ќе превземе одговорност за дополнителните компликации кој стануваат реалност. Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, продолжува да манифестира целосно непочитување на Македонскиот национален идентитет, тврдејќи дека во Македонија има 70 илјади Бугари кои со земањето на Бугарски пасоши се определиле за Бугарската националност, а Министерот Никола Димитров се плаши да не случајно ја навреди Бугарската Влада.

Македонската Алијанса уште еднаш повикува на прекин на преговорите за името, пред да стане предоцна. На Татковината сега и е неопходна шок-дипломатија! Заедно со прекинот на преговорите треба да образложиме дека нашата одлука ќе биде на сила се додека нашите меѓународни сојузници не обезбедат од Грција како осудена земја од Меѓународниот Суд во Хаг, за прекршување на Времената Спогодба со ветото од Букурешт од 2008, да ја спроведе пресудата и во согласност со меѓународното право да ги одблокира Македонските Евроатлански интеграции.

Најодговорните Македонски политички партии, моментално застапени во Македонското Собрание, доколку навистина го сакаат опстанокот на Татковината, мора конечно да покажат дека ги учат лекциите од минатото. Во минатото, некоја друга генерација политичари, смени Устав, знаме откажувајќи се од сонцето на Кутлеш, прифати срамна привремена референца ПЈРМ за да обезбеди прием во ООН, направи многу крупни отстапки на штета на Македонскиот народ, а Грција, без разлика кој е таму на власт, не отстапува од својата ирационална политика на блокади и закани. Нивните барања немаат крај. Доста е од конструктивност и сервилност кои и во минатото и сега не ни донеле никаков бенефит, освен нови и се поголеми понижувања. Сакаме во ЕУ и НАТО, ама Македонскиот народ  никогаш нема да дозволи велепредавство!

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател, 

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *