Потпишана спогодба за повисоки плати во здравството

Спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност потпишаа денеска во Владата министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

На потпишувањето на Спогодбата присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев кој истакна дека од следниот месец средномедицинскиот кадар ќе добива дополнително по 1.500 денари, докторите специјалисти на универзитетските интерни клиники ќе добиваат плус 3.756 денари, лекарите специјалисти во општите болници по 4.060 денари, а на докторите специјалисти на универзитетските клиники за хируршки болести платата ќе им биде повисока за 4.548 денари.

– Кога на оваа сума ќе се додаде зголемувањето на надоместокот за прекувремена работа, дежурства и ноќен труд сигурен сум дека тоа во значителна мера ќе ја подобри положбата на сите работници во здравствениот систем. Со ова Владата и Министерството го исполнуваат даденото ветување за подобрување на стандардот на здравствените работници, но во исто време го зголемуваат мотивот за работа на лекарите, посочи Заев.

Потенцира дека мора да се обезбедат услови лекарите да бидат задоволни бидејќи само така ќе го дадат најдоброто од себе и целосно ќе се посветат на грижата на своите пациенти.

– За нас од Владата сега е само почеток и се надеваме дека со перформансите на Буџетот голема реалокација на средства ќе дојдат за подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал, лекарите и сите кои работат во здравството, секако и за севкупно подобрување на условите во здравствениот систем, рече Заев.

Тој им порача на лекарите, но пред се на граѓаните дека продолжуваат неуморно да работат за да создадат уште пофункционално и поефикасно здравство.

– Ќе создаваме здравствен систем по највисоки стандарди и ќе се доближиме до стандардите на развиените европски земји. Тоа е целта на оваа Влада. На овој пат не сме сами, Македонија добива поддршка, помош и подадена рака од сите земји партнери, секако најмногу од Европската унија. Грантовите и финансиската поддршка кои и сега ги добива Македонија од фондовите на Унијата за развој ќе се зголемат неколкукратно по зачленување на земјата во ЕУ, вклучително грантовите и фондовите наменети во здравството, рече Заев.

Додаде дека сето тоа ќе значи нови поголеми болници, повеќе средства во буџетите на болниците, повеќе пари за современи лекови, подобри здравствени услуги, а со тоа и многу позадоволни пациенти.

Министерот Филипче рече дека со потпишувањето на денешната Спогодба се отвора формалниот пат за зголемување на платите на сите вработени во здравството за пет проценти, односно зголемување на основицата за пресметување на плата за вработените во ЈЗУ од 12.654 денари на 13.286 денари.

Посочи дека зголемувањето ќе почне да се применува со исплатата на септемвриската плата и дека тоа ќе значи реализација на уште една точка од Програмата за работа на Владата.

Каранфиловски рече дека потпишувањето на Спогодбата претставува потврда за добар и успешен социјален дијалог меѓу социјалните партнери, а за нив како Синдикат уште поголема придобивка по основ на платите на вработените.

– Најголемата придобивка е исполнувањето на ветувањето на Владата за ова зголемување на платите, а најбитното за нас како Синдикат е што ова покачување се однесува за сите вработени во здравството, рече Каранфиловски и потенцира дека ја поздравуваат ваквата активност на Владата.

Истакна дека на преговарачката маса со Министерството за здравство се ставени веќе и корекциите на коефициентите на сестрите со средно образование и корекциите на коефициентите на лекарите специјалисти.

– Сметам дека со овој пристап со одредена динамика на реализирање ќе направиме едно комплетно задоволство во здравството и сите одредени пропусти и она што не се случуваше досега ќе биде предмет на наши договори, рече Каранфиловски и ја поздрави, како што рече, оваа втора фаза за комплетно зголемување на платите за сите вработени во здравството.

Потсети дека во првата фаза имало зголемување по основ на процентите на дежурствата на лекарите специјалисти, за ноќен труд, како и корекција на коефициенти на специјалисти од санитарна…

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *