Леуварден и Валета – престолнини на европската култура во 2018 година

Холандскиот град Леуварден и  Валета, главниот град на Малта, ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата“ во 2018 година. Ја преземаат од данскиот  Орхус и кипарскиот град Пафос.

Организаторите на програмата за 2018-та во Леуварден најавија отворање на целогодишната манифестација на 26-ти и 27 јануари кога сите плоштади на градот ќе бидат поврзани со настани со танц, театар, музика и песна. Идејата им е да го покажат нивниот „iepen mienskip“  односно отворено општество.

Леуварден е административен центар на покраината Фризија во северна Холандија која е најголема доколку се бројат и водните површини и е единствена покраина во Холандија со свој јазик (западнофризиски). Има неколку острови кои со копното се поврзани со траектен сообраќај и четири национални паркови.

Во пресрет на преземањето на титулата, Музејот на Фризија на 15 октомври отвори изложба по повод сто години од смртта на Маргарета Зеле позната под псевдонимот Мата Хари, која била родена во Леуварден во 1876 година.

„Мата Хари – жената и митот“ е најголема кога било поставена изложба за холандската танчарка, куртизана и шпионка од Првата светска војна. Прикажува лични предмети, фотографии, писма, воени документи … што им овозможува на посетителите да го следат нејзиниот живот од родниот Леуварден до Холандска Источна Индија, преку париските танцови театри и мрежата на интриги во кои се заплеткала за време на војната.

Главниот град на Малта, Валета, е исто така европска престолнина на културата наредната година. Организаторите најавија дека нивната едногодишна културна манифестација ќе почне со свеченост достојна на традиционалната Maltese Festa, поканувајќи ги Европејците да ја посетат Неделата на отворање (14-21 јануари).

Програмата со улични перформанси, изложби, фестивали, дигитални проекции и видеоарт ќе почне во главниот град но ќе продолжи низ цела Малта и нејзините острови.

Меѓу настаните од програмата на „Валета 2018“ е и музичкиот интернационален барокен фестивал кој ќе се одржува од 13-ти до 27 јануари на барокни и историски локации во градот. Во Валета се наоѓаат голем број знаменити градби од 16 век и градот зрачи со уметнички стилови, како маниризам, барок, неокласицизам. Поради тоа наследство градот Валета е запишан на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на  проектот „Европска престолнина на културата“. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството на заедништво во ЕУ, но на лауреатот тоа му носи и пари од европските фондови, со што земјите можат да финансираат големи проекти и програми од областа на културата. Критериум за избор е подготвеноста на градот да ги организира случувањата кои траат цела календарска година.

За изборот решава независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката ја носи четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на Европската унија.

Во 2019 година престолнини на европската култура ќе бидат италијанскиот Матера и бугарскиот град Пловдив, во 2020 Риека во Хрватска и Голвеј во Ирска, а во 2021 титулата треба да ја делат три града – романскиот Темишвар, грчкиот Елефсина и српскиот Нови Сад.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *