Се крои буџетот за референдумската кампања

Министерствата и другите органи на државната управа имаат уште два дена рок за да достават информации до Министерството за финансии за средствата што ги имаат на располагање, што би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот. Во меѓувреме, референдумската кампања се засилува – премиерот Зоран Заев вчера се сретна со  претставници на македонската дијаспората во Италија, Швајцарија, Луксембург, Германија, Словенија, Хрватска, САД.

На средбата се разговарало и за важноста на претстојниот референдум и за потребата од проактивна улога на сите граѓани, вклучително и на дијаспората со цел успешен референдум, што ги отвора перспективите на Македонија и можностите за квалитетен живот на сите граѓани.

Заев, како што беше наведено во владиното соопштение, ги повикал сите како што си ја сакаат државата, да излезат на престојниот референдум и со тоа како дијаспора, да дадат значаен придонес во овој историски момент за напредок на Македонија.

– Мнозинството граѓани на Македонија веќе се изјаснија за промени, за перспективи наместо изолација, за благосостојба наместо сиромаштија, за реформи и демократија што водат кон квалитетен живот и безбедна иднина на државата и на сегашните и идните генерации. И убеден сум дека на референдумот ќе биде потврдена одлуката за евро-атлантска иднина на Македонија, што ќе донесе и европски живот во Македонија и стабилност и безбедност, рече Заев.

До Државната изборна комисија (ДИК) до вчера до 13:00 часот се доставени вкупно 862 пријави од македонски државјани за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва во странство.

Од нив, 836 пријави се прифатени, 19 се одбиени, а останатите се во обработка. Најголем број пријави се доставени за гласање во Берн – 72, во Лондон – 69, во Торонто – 57, Љубљана – 48 и Канбера – 36.

Владиниот портпарол Муамет Хоџа вчера на прес-конференција изјави дека Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена.

Според него, тогаш ќе може и да се излезе со проекција колку пари ќе бидат одвоени за кампањата.

Кампањата, посочи тој, ќе биде информативна, а целта е на граѓаните да им се објаснат придобивките од договорот со Грција. Додаде дека Владата, во текот на целиот процес ќе го почитува принципот на отчетност и транспарентност.

– Со кампањата ќе ги информираме граѓаните дека успешен рефендум значи отварање на патот на земјата за членство во НАТО и Европската унија, ќе биде презентиран договорот за името со Грција и за придобивките од него. Секое министерство и институција од своите буџети ќе треба да кажат колку пари можат да се пренаменат за кампањата за референдумот. Тоа ќе биде од одредени заштеди од репрезентации или од други ставки. Сметаме дека референдумот е многу важен за земјата и сите средства кои ќе се користат за спроведување на кампањата ќе бидат јавно објавени, рече Хоџа.

Во врска со досегашната кампања на Фејсбук страницата на премиерот Зоран Заев за референдумот, Хоџа рече дека се работи за потрошени средства до сто евра за јавно рекламирање на социјалната мрежа.

Владата на завчерашната седница донесе одлука да спроведе кампања од јавен интерес за референдумот на 30 септември за прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *