Почнува Научната и уметничка визита во Куќата на Уранија-МАНУ

Научната и уметничка визита која се одржува во Куќата на Уранија-МАНУ во Охрид вечер ќе биде отворена  со изложба на ракописи и епиграфски споменици. Изложбата е насловена „Македонска писменост: Од доаѓањето на св. Климент во Македонија до потпаѓањето на Самоиловото царство под византиска власт (886–1018)“. Автор е академик Ѓорги Поп-Атанасов и ќе може да се посети до 7 септември.

Манифестацијата ќе трае до 27 август до кога ќе има уште шест настани. За утре е најавено заедничко предавање на академиците Луан Старова и Васил С. Толе – „Полифонија и Полифонисти“, а се однесува на регистрацијата на изополифонијата на списокот на УНЕСКО на нематеријалното наследство и на романот „Полифонисти“.

Следната програмска содржина на Научната и уметничка визита 2018 е на 11 август кога ќе биде промовирана книгата „Лихнид и Десаретија“ од академик Вера Битракова Грозданова, а на 15 август ќе има оперски концерт на тенорот Влатко Груески во придружба на пијанистот Андреј Наунов.

На 19 август во Куќата на Уранија-МАНУ во Охрид ќе се одржи поетски портрет на академик Радован Павловски, на 24 август ќе има поетско читање во рамки на Струшките вечери на поезијата, а на последниот ден од манифестацијата (27 август) ќе биде промовиран зборникот „За и од Киро Глигоров“  по повод 25-годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите нации.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *